Дескоска не го пратила ЗЈО во Венецијанска комисија, ВМРО-ДПМНЕ било виновно

Зошто министерката за правда која претендира да биде новиот претставник на Македонија во Венецијанската комисија, не го испрати спорниот закон за обвинителство, со кој власта уценува за избори- токму во ова високо меѓународно тело? Наместо да го испрати во Венецијанската комисија, власта реши без нејзин амин истиот да го изгласа набрзина, пред распуштањето на Собранието. Од Министерството за правда, за Алфа потврдуваат дека законот не бил пратен во Венеција бидејќи крива била опозицијата.

-Текстот се менуваше  повеќе пати по барање на ВМРО-ДПМНЕ, немавме затворен текст кој би можеле да го пратиме во Венецијанска комисија, велат за Алфа од Министерството за правда.

Инаку, токму министерката за правда, Рената Дескоска, е предлогот на екс премиерот Зоран Заев за нов член на Венецијанската комисија од Македонија. Опозицијата обвинуваше дека нејзиниот избор бил противуставен. Претставка беше пратена и до Антикорупциска. Од таму се повикуваат на статутот на Венецијанската комисија, каде се вели дека нејзините членови мора да бидат независни. Според ВМРО-ДПМНЕ тоа е невозможно бидејќи министерката ја спроведувала владината политичка агенда и учествувала во голем дел од законите предложени од Владата кои може да се најдат пред комисијата. Сепак за антикорупционерите во нејзиното номинирање немало ништо спорно.

-Согласно правилата тие не учествуваат ниту во расправата, ниту во гласањето за прашањата кои што се однесуваат за државата од која што се номинирани. Значи со ова на еден убав начин, самата комисија си ги поставила правилата за оние кои ќе бидат нејзини членови да не може да се најдат во судир на интереси, изјави претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Предлог законското решение на власта наиде на големи критики, како кај опозицијата, така и кај експертската јавност. Универзитетскиот професор Гордан Калајџиев, го опиша законот како брука, а во гостувањето во „Што не е јасно“ на Алфа, кажа дека министерката Дескоска не го положила испитот. Пред неколку месеци Венецијанската комисија како неуставен го оцени Законот за употреба на јазиците, чија имплементација е предвидена и во Законот за јавно обвинителство, за вториот во Венеција нема да имаат можност да дадат оцена.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста