Повторно скандал во Министерството за култура, 5 илјади евра за „Илирида“, 1.500 евра за пратеникот Рамчиловиќ
Повторно скандал во министерството за култура. За нив, проекти од национален интерес се предлозите на организацијата „Илирида“. На годинешниот конкурс, министерството за култура решило да го поддржи два пати ансамблот за народни песни и игри „Илирида“, еднаш со 200 илјади денари за проект во чест на јубилејот 5 години од основањето на Илирида, а втор пат со 100 илјади денари за детски фолклорен фестивал.
„Здружението „Илирида“ е регистрирано во Централниот Регистар со ова име. Министерството за култура финансира проекти, а овој проект е од фолклорен карактер, без никакви политички заднини. Ова здружение преку конкурсите на Министерството се финансира во изминатите 4 години“ – велат од министерството.
Претседател на комисијата за Фолклор и сценско-уметничка дејност која решавала за ансамблот „Илирида“ била Арлинда Калиси.
Инаку организацијата што ќе добие пари е ансамбл за народни песни и игри, но спорен е нејзиниот назив „Илирида“. Тој се поврзува со неформалната организација добила која се наоѓа на црната листа на САД на терористички и организации опасни за стабилноста на Балканот. Се работи за илегална воена организација која се залага за обединување на сите територии на Балканот каде што живеат Албанци.
Од култура, 90 илјади денари ќе добие и независниот пратеник Зеќир Рамчиловиќ. Тој ќе го печати и промовира неговото литературно дело „Долно Коњари низ слика и време“.
Министерството за култура одлучило да му додели и 90 илјади денари на поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин. Тој конкурирал за организирање на настанот „Современа иконографија“.
Инаку во категоријата музичко-сценска дејност најмногу пари или 5 милиони денари од Министерството за култура ќе одат за организација на Скопскиот џез фестивал.
За „Танц фест“ ќе се доделат 3 и пол милиони денари, на КУД „Алегрето“ за „Сцена на албанската сериозна музика“ 3 милиони денари, а за „ОФФест“ 2 и пол милиони денари. Два милиони денари ќе има за „Макфест“, „Нота фест“ и за 22-рото издание на „Таксират“.
Тања Попова