Уште поголем број заразени денеска, но и мртви. Четири жртви и 52 новозаболени е денешниот црн биланс на ИЈЗ. Но прашање е колку се и приватно тестирани. И додека здравствените власти постојано смируваат дека епидемијата е под контрола, реалноста е алармантна. Епидемиологот Драган Даниловски за Алфа алармира дека наголото попуштање на мерките е недоволно промислен потег на власта – затоа бројот на заразени и починати, очекувано расте. Олабавувањето требаше да се одложи, вели тој.

“Релаксацијата на мерките не требаше да биде подеднаква за сите.Имено таму каде што во тие региони каде што имаше и има, поголем број на заразени,  таму мерките требаше да останат уште некое време.” – вели Проф. д-р Драган Даниловски.

Дополнително загрижува и вториот бран кој според власта не очекува во есенските месеци. Епидемиолозите предупредуваат дека токму сега го живееме вториот бран од вирусот тоа го потврдува и статистиката на Ворлдметерс, каде сме втори како држава и по заболени и по смртност. Даниловски апелира засилено да се тестира.

“Мојот апел одамна е, државата мора да врши како никогаш досега колку што е можно повеќе тестирања.За што повеќе да се лоцираат заразените и оние невидливите асимптоматските.” – апелира епидемиологот Даниловски.

Даниловски апелира и за поголемо казнување на граѓаните доколку не се држат до препораките.

” Државата не може да остане само на апели за придржување на мерките.Туку мора да врши постојан надзор и најстрого да казнува за непридржување кон личните заштитни мерки.Без тоа верувајте сиот труд досега ќе отиде во ветер и се ќе биде залудно.” – рече Проф. д-р Драган Даниловски.

Денешниот е најголемиот број новозаразени последниот период. Лекарите без исклучок по олабавувањето на мерките реагираат дека слободата на групирање, својствена посебвно за предизборни кампањеи може да доведе до катастрофа.

Ања Василева