Ало – ало, Заев и Борисов телефонски за отворените прашања

Првата бугарска блокада за преговарачката рамка на Македонија му предизвика непријатни чувства на Заев,но тоа не беше пречка телефонски со Борисов да разговара за решение за отворените билатерални прашања. Македонскиот и бугарскиот премиер како што информираат од владата се договориле дека дијалогот Скопје – Софија треба да продолжи. Утре повторно ќе се чујат за да дефинираат дали самитот во рамки на Берлинскииот процес во Софија во вторник ќе биде он лајн или ќе се одржи со физичко присуство. Борисов го информирал Заев дека се опоравува од корона вирусот и се чувствува добро.

“Премиерите Заев и Борисов изразија меѓусебно уверување дека ќе продолжат да разговараат и директно и преку владините претставници и тимови, со цел изнаоѓање заедничко решение за отворените билатерални прашања во интерес на двете земји и во интерес на европските интеграции”, велат од македонската влада.

Опозицијата и денеска побара одговори, што договориле Димитров и Османи со Захариева на средбата во Берлин.

“Она што може да се сретне и чуе низ бугарските медиуми и политички чинители е дека постоеле три услови, а тоа се јазикот, името на државата и добрососедските односи, односно ова се услови кои директно удираат врз идентитетот, државноста и постоењето. Никој не ги споменува историјата и хероите и тука сакаме да прашаме дали тоа значи дека Заев, Пендаровски и Димитров и останатите прифатиле се што источниот сосед побарал во однос на историјата и историските личности, односно македонски херои”, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Бугарија во петокот на состанокот на амбасадорите на земјите членки на ЕУ не ја прифати преговарачката рамка за македонија барајќи како услов да се вметнат добросеоседските односи. Освен ова Софија бара да се користи целото уставно име на државата, а не скратеното и формулацијата за јазикот да биде официјален јазик на земјата кандидат.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста