Алфа ги открива имињата на новите амбасадори – Владата брза да ги именува предизборно

Тајно и зад затворени врати Владата избра 19 нови амбасадори. Во пресрет на предвремените парламентарни избори и на само неколку дена пред формирањето на техничка влада, надлежните брзаат да ги пополнат фотељите во Дипломатско – конзуларните претставништва кои со години стојат празни. Листата имиња на новите дипломати се чува далеку од очите на јавноста. Власта се правда оти за нив прво потврда требало да даде и претседателот Пендаровски.

Синдикатот на дипломатијата алармира – назначувањата се прават пред да се донесе новиот Закон за надворешни работи, оти според новите измени половина од кандидатите не би ги исполниле условите да бидат амбасадори. Прашуваат зошто предизборно се брза со назначување на нови дипломати во ДКП-ата кога СДСМ пред 2,5 години токму во иста ваква ситуација го стопираше упатувањето на амбасадори направено од претходната власт.

„Зошто се брза да се направат новите именувања пред да се донесе Законот за надворешни работи е поради тоа што дел од сегашните решенија за амбасадори во тој случај нема да ги исполнуваат строгите критериуми. Еве да земеме хипотетички сегашниот министер или заменик министер да треба да се упатат на амбасадорска служба според новиот закон не би ги исполниле условите“, вели претседателот на Македонскиот дипломатски синдикат, Зоран Дабиќ.

За сега, извесно е само името на екс советникот на премиерот за надворешна политика, Дане Талески. Тој ќе замина на служба во седиштето на НАТО во Брисел. Алфа од дипломатски извори дознава кои се другите имиња што се најдоа на фамозниот список кој денеска го мина владиниот филтер.

Наофицијално, Рами Реџери, кадар на ДУИ во МНР ќе биде амбасадор во Рим. Сашко Тодоровски, сопруг на професорката Мирјана Најчевска – амбасадор во Советот на Европа во Стразбур.

Данчо Марковски во Тирана, дипломатката Шпреса Јусуфи во Приштина, Васко Грков во Белград, а Мишо Докмановиќ во Тел Авив. Функционерите на ДУИ Милаим Фетаи во Загреб, Шабан Јашари во Катар и Фатон Бејта во Копенхаген. Најсериозни кандидати за местото во ОН во Женева се споменуваат имињата на заменик министерот за насворешни Андреј Жерновски и Теута Демјаха, кадар на Интегративците.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста