Администрацијата во здравството извиси – Статус кво на платите на правниците, сметководителите, економистите

Здравствените административци извисени. За правниците, економистите и оние што работат на болничките шалтери платата останува иста, за нив нема повисоки примања. Ама од наредниот месец покачување освен за лекарите, медицинските сестри и соработниците ќе има за болничарите, возачите, хигиеничарите, чуварите. Техничкиот персонал во здравството се избори за зголемување на платите, па здравствените власти ќесето го одврзаа и за нив. Синдикатите, иако задоволни од растот на платите, сепак велат оти борбата за подобри работни услови во здравстениот сектор продолжува.

-Она што би го истакнал е дека 2020 година е борба за нас да го иземеме нашиот административен персонал од останатиот административен персонал, и согласно тоа во рамките на нашиот колективен договор ги покачуваме и за нив платите. Би истакнам дека сме многу задоволни што успеавме за помошно техничкиот персонал да ги покачиме платите, изјави д-р Горан Беговиќ – претседател на Самостоен синдикат на Клинички центар.

И од Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита најавија дека ова ќе им биде прво барање по изборите.

-Првото и приоритетно барање по изборите ќе биде биде на преговарачката маса да биде ставено 10 процентно покачување на платата за администрацијата, изјави Љубиша Каранфиловски.

Филипче вели оти немало начин да се остварат барањата на здравствените административци, бидејќи немало како тие да се одвојат од останатата државна аминистрација.

-Сега навистина имаме пречки. Ние ќе разговараме и понатаму, а и тие знаат дека вратата на Министерството за здравство останува отворена за да ги разгледуваме сите опции и можности. Луѓето се свесни за пречките, а во однос на најавите од нивна страна, тука сме за да разговараме отворено и заедно да ги разгледуваме можните решенија, вели Филипче.

Тој се пофали со оствареното ветување од 100.000 денари плата за лекарите специјалисти, но со појаснување, истата не е основна, туку до овој износ се стига со изработени дежурства.

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста