Нови обвинувања на релација адвокат Страшевски – Кривичен суд
Нови обвинувања на релација Кривичен суд – одбрана на Т.Н.Т. Откако адвокатот Јовица Страшевски преку отворено писмо ги информираше медиумите дека поротничката чиј мандат истече пред Нова Година, си поднела неотповиклива оставка, од Кривичниот суд го обвинија дека тој лично се обидел да врши притисок врз судот.
Страшевски вели дека има сознанија оти поротничката преку оставката побарала да биде тргната од сите рочишта, но била итно повикана назад.
„И покрај тоа, што поранешната судија-поротник, оставката и официјално ја доставила во архивата на Кривичниот суд во Скопје, по налог на претседателот на судот, таа не била прифатена, а Кочковска, била итно повикана кај него, со цел да се изврши притисок – да мора да присуствува на закажаните рочишта, особено за предметот ТНТ“, вели Страшевски.
Од Кривичен пак обвинуваат дека поротничката не поднела оставка, туку се пожалила дека е под притисок да се откаже од рочиштата за ТНТ.
„Зачудува фактот како адвокатот кој официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења, денеска повторно продолжува со прозивки и притисоци? Како се дозволува некој и понатаму да влијае на судиите и судиите – поротници надвор од судница?“, прашуваат од Кривичниот суд.
За случајот реагираа и од Адвокатската комора – биле информирани дека адвокатот Јовица Страшевски користел годишен одмор, со цел како што велат да се опструира кривичната постапка. Оттаму велат дека сите докази кои ќе ги добијат ќе ги проследат до дисциплинските органи на Комората.
Инаку, адвокатот Јовица Страшевски, како бранител на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски во случајот Т.Н.Т. изминатиот период укажуваше дека мандатот на поротничката Кочковска е завршен и бараше од Судскиот совет итно да го констатира прекинот на нејзиното работење.
Наместо целата постапка да почне одново, како што наложува Законот, Судот за овој случај закажаа продолжение на рочиштата од 13 до 27 јануари.
Биљана Божиновска