Скопје тоне во смог и магла, висока загаденост и во други градови, граѓаните бесни
Иако главниот град тоне во смог и магла, власта не презема никакви мерки за справување со загаденоста во Скопје. Енормното загадување активираше мерки за жителите во Куманово, Тетово и Кавадарци постари од 60 години, како и бремените жени и лицата коишто спаѓаат во загрозени групи. Се препорачува и работењето на отворено да се ограничи за периодот од 11 до 17 часот, а државните институции до 50% да ја намалат употребата на службените возила.
Дека состојбата со отровниот воздух е и повеќе од неподнослива реагираат и пумолозите. Велат, граѓаните кои немаат итна потреба да не излегуваат надвор, зашто отровниот воздух ги напаѓа сите органи, иако државата е немоќна да помогне во справување со загаденоста.
- Влијанието на загадувањето на воздухот многу влијае врз здравјето на луѓето. Многу штетни материи се таложат во органите на луѓето при вдишување на воздухот надвор кога е енормно загадено. Заедно со децата и возрасните луѓе, бремените жени се најчувствителната група во заедницата. Плодот што го носат е во постојан развој и штетните агенси од околината најсилно се чувствуваат токму кај неродените деца. Дали државата прави доволно не можам да кажам, но ако прави тоа ќе се види, а надвор се гледа само страшна слика, вели д-р. Деска Димитриевска.
Граѓаните алармираат дека е неподносливо, но тоа никако да стигне до власта која вели дека работеле на случајот. Тие се жалат дека државата ништо не правела за работите да мрднат кон подобро. Велат, тешко на народот кој е оставен сам на себе.
- Ова е катастрофално. Мислам дека властите мора под итно нешто да преземат нешто ако сакаме барем малку да живееме како што треба. Ако вака продолжат и ако си гледаат само за себе, мислам дека нема далеку да одиме. И пандемија и загадување, мислам дека ќе биде многу лошо, велат граѓаните.
Вака изгледаше Скопје доцна синоќа каде отровните ПМ10 честички изнесуваа 400 микрограми на метар кубен, што е неколку пати над дозволеното. Само во изминатото деноноќие најкритично беше во Центар, потоа во Аеродром, Гази Баба, Карпош и во Лисиче. (инсерти со бројките).
Освен во Скопје, висока концентрација на загаденост имаше и во другите градови. Мерните станици регистрираа високи вредности на загадување во Кавадарци, каде беа измерени дури 680 микрограми на кубен метар ПМ10 честички. Ништо подобро не беше ниту во Струмица со 438, по што следуваат и Битола, Велес, Штип.
Борис Грујоски