Џафери соопшти дека го прими барањето за негова интерпелација, ама дали таа ќе успее?

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја доби интерпелацијата, поднесена од страна ВМРО-ДПМНЕ поради скандалозните случувања во Законодавниот дом. Од кабинетот на Џафери преку кратко соопштение информираа за законските рокови.

Субјектот на кого му е поставена интерпелацијата има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата.Интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците. Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој Деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието – информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери.

Од ВМРО-ДПМНЕ не очекуваат дека 61 пратеник ќе се охрабри да се спротивстави на Џафери и покрај најавената поддршка од Левица, БЕСА и Алијанса за Албанците

 Не очекуваме дa се охрабри 61 пратеник од власта за да се спротивстави на дивеењето на Талат Џафери врз собраниските процедури и врз демократијата воопшто, но очекуваме СДСМ и нејзините пратеници да дадат сѐ од себе за да го заштитат кршењето на процедурите и недемократското однесување на Талат. Впрочем, тие на тој начин ќе ги поддржат и тешките навреди врз службите во Собранието кои ги испрати Талат и неговата тортура врз колеги пратеници – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Владејачката СДСМ вчера отфрли било каква можност за поддржување на интерпелацијата и ја обвини опозицијата за правење „политички театар“. А нема поддршка ниту од ЛДМ и ДОМ.

Според Деловникот,претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста