Фантастични 1200 евра и за делник и за празник ќе добиваат специјалистите за изградба на коридорите

Работа која за само неколку години ќе ги направи милионери. 1.200 евра на ден, и во делник и во празник. Најмалку пет специјалисти по договор за автопатиштата ќе добиваат по фантастични 36 илјади и 500 евра месечен надомест.

Ова е наведено во контроверзниот договор со америкаско – турскиот конзорциум, од кој опозицијата обелодени нови делови.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека доколку еден ваков човек се ангажира за 5 години колку што владата тврди дека ќе се изведат автопатите, на еден специјалист на сметка би му легнале неверојатни 2 милиони и 190 илјади евра. А ако се ангажираат најмалку 5 лица колку што минимум стои во објавените делови од договорот, тие би инкасирале фантастични 11 милиони евра од државниот буџет.

  • „Е сега тој специјалист кој што ќе зема 36.500 евра отприлика, ако мојата плата месечна е 900 евра а неговата 36.500 евра, тоа значи дека тоа е некаде околу 40 пати поквалитетен од мене, од прилика така му доаѓа, 40 пати нели, пропорционално ако гледаме. А јас себеси се сметам, барем ако ништо друго, барем за просечно квалитетен професор. Е, сега овој 40 пати треба да е поквалитетен од просекот или дел од тие пари ќе завршуваат во некои приватни џебови и тоа помножете го со минимум пет пати, бидејќи пет им требаат такви специјалисти“, рече Мицкоски. 

Лидерот на опозицијата вели дека наместо за епски проект, станува збор за епски криминал. Тој се сомнева дека авансните пари кои Владата ќе ги префрла всушност ќе завршат во приватни џебови а ќе служат и за предизборен поткуп.

  • „Јас сум убеден, не само што оваа влада нема капацитет да го заврши овој проект, туку сум убеден дека дел од авансите кои што сега пред избори, на трчање се префрлаат, се обид да завршат во приватни џебови, а потоа од таму да се влијае со поткуп врз гласачите за време на изборите кои што следат, и претседателски и парламентарни. И повторно прават грешка, го потценуваат народот. Народот, и покрај тоа што ќе се обидат со насилство, со поткупи, со притисоци ќе излезе и така силно ќе ги порази заедно со ВМРО-ДПМНЕ, што потоа ќе мора пред истиот тој народ да поднесат сметка и да одговараат за сиот криминал што го прават изминатите шест години“, истакна Мицкоски.

Според опозицијата, државата веќе плати речеси 120 милиони евра на американско – турскиот конзорциум, а досега, на терен, освен две информативни табли не е фрлена ниту една лопата. Нема ништо од поставувањето административни објекти, кампови за работниците, а нема ниту донесено машини и градежен материјал.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста