Станува ли пак Прилеп ново жариште на Ковид 19 ?!

 По тримeсечно какво-такво контролирано затишје, Короната како повторно да зема замав во градот под Марковите Кули. Само во август има близу 100 новозаразени, во последниве два дена двајца се починати, детектирани се осум активни кластери, а се симнува и старосната граница на заболените и таа сега се движи од 20 до 39-годишна возраст. Што ја „врати“ Короната во Прилеп и дали градот повторно станува ново жариште, слично како на почетокот на пандемијата, кога со денови беше на врвот од неславната републичка листа ?! Прилепчани се искрени. Велат, не се почитуваат мерките, а и соочени со беспарицата и со другите проблеми кои произлегле од Коронакризата, веќе навикнале на стравот.

      „Колку повеќе фаќа, ние уште повеќе не се придржуваме на овие одговорности. Не се плаши народот…му излегуваат други проблеми, му затвораат дуќани, не може да работи и едноставно му се одмили и болест и се. Луѓето повеќе дома се поболија, отколку да шетаа, да движат“ – вели еден прилепчанец.

      „Се должи на невниманието на самите граѓани, непочитувањето на мерките, на дистанцата пред се и на неносењето маски во затворени простории…Сметам дека младите недоволно сериозно ја сфаќаат ситуацијата“ – ни рече млада прилепчанка.

     „Стравот полека изгледа се губи кај народот и се повеќе се социјализира, се дружи, така што…не знам“ – посочува повозрасен жител на Прилеп.

               Дека ситуацијата излегува од контрола, потврдуваат и од Кризниот штаб. Според нив, само 30 насто од граѓаните носеле маски, а заразувањето најмногу се должело на семејните собири и на други видови на забава, но и од непочитувањето на протоколите, особено пред банките, во угостителските објекти и во маркетите.

Значи, не е работата во температурите, туку во начинот на живот. Видовме дека во изминатите три месеци ние имавме прилично намален број на заболени. Секако и подолг престој на отворени простори. Едно време луѓето се оградуваа од правење на семејни собири, свадби…на тоа ни се должеше падот на заболените“, – вели епидемиолог д-р Татјана Станимировиќ од ЦЈЗ во Прилеп.

             Со цел, повторно ставање контрола врз ситуацијата, градоначалникот Илија Јованоски, најавува воведување на поригорозни санкции за сите чинители, како правни, така и физички.

               Инаку, во изминативе десетина дена, најголемите и досега невидени гужви беа пред банките, а со полна пареа веќе работат и поголемиот дел од угостителските објекти. Згора на ова, викендов во Прилеп се одржуваат и дури три фестивали.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста