Речиси 15 илјади работодавачи не им исплатиле плати на вработените во јули, двојно повеќе отколку во јуни

За само еден месец двојно е зголемен бројот на фирми кои не исплатиле плати на своите вработени. Јунската плата доцнела во 7.865 фирми а над 14.000 компании не исплатиле плати за јули. Продлабочувањето на кризата на терен се чувствува најмногу.

За месец јуни 2022 година, обврска за поднесување на месечна пресметка за интегрирана наплата (МПИН) имале вкупно 68,718 работодавачи. Од нив, до 23.08.2022 година 7,865 работодавачи имаат неподнесени, неприфатени и неплатени МПИН пресметки – информираат од УЈП.

Минатата година за месец јуни, бројот на фирми бил помал, што укажува на тоа дека оваа година кризата е далеку потешка и фирмите поради мала ликвидност не можат да исплатат плати на вработените. Споредено со 2021 година, платата за јуни им доцнела на вработени во околу 6000 фирми.

Оваа година, платата за јули доцни во дупло повеќе фирми од јуни 2022 година. 14.983 работодавачи не го платиле трудот на работниците.

За месец јули 2022 година, обврска за поднесување на МПИН имале вкупно 68,634 работодавачи. Од нив 14,983 работодавачи имаат неподнесени, неприфатени и неплатени МПИН пресметки – информираат од УЈП.

Во време на тешка економска криза и континуиран раст на цените на производите, горивата, електричната енергија, голем дел од македонските граѓани не ја добиваат на време и онака малата плата. Експертите постојано апелираат до работодавачите, да го  дадат својот максимум за работниците да бидат задоволни, бидејќи тие се најважната категорија во бизнис циклусот.

Со оглед на тешката економска криза но и навиката на работодавачите се поретко да се редовни со плати, граѓаните најчесто спасот го гледаат во позајмици и потрошувачки кредити, само за да ги задоволат основните потреби и да ги регулираат тековните трошоци, а многу често се откажуваат од своите желби и замислени цели затоа што немаат можност да ги остварат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста