Расте бројот на млади жени заболени од рак на дојка

Расте бројот на млади жени заболени од рак на дојка

Сè повеќе млади луѓе заболуваат од рак на дојка. Тоа е едно од водечките малигни заболувања кај женската популација, но светските податоци за возраста во која се појавува се загрижувачки. Д-р Маја Стојчевска-Чапова, радиолог во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, вели дека веќе нема возрасна граница и дека еден од најголемите предизвици на денешницата е што карциономот сè почесто се јавува кај помлади, а од друга страна, најчесто поради подоцнежната дијагноза, има и полоши последици.

„За жал, младоста не претставува никаква заштита од карциномот на дојка. Иако е поретка, болеста се јавува ненадејно, често е погрешно дијагностицирана и дијагнозата е одложена. Раното откривање на рак на дојка е клучен фактор за успешно лекување на оваа болест, но за жал, кај младите жени тој често не се прикажува со класичните радиолошки карактеристики на малигнитет“, вели д-р Стојчевска-Чапова.

Според податоците од CDC во 2017 година, 11 отсто од новодијагностицираните карциноми на дојка во САД се детектирани кај популација под 45 години. Половина од вкупниот број смртни исходи поради оваа болест, исто така, се кај популацијата под оваа возраст. Тоа, вели д-р Стојчевска-Чапова, е исклучителен предизвик во борбата против карцином на дојка.

ПОВИСОКА СТАПКА НА СМРТНОСТ

„Независно од молекуларниот суптип на карциномот или стадиумот на болеста, младите жени под 40 години со хируршки лечлив тумор имаат повисока стапка на рецидиви и смртност, во споредба со повозрасната популација. Тоа е во директна корелација со типично поагресивните форми на болеста како Her+ и тројно негативни малигноми, како и со понапреднатиот стадиум на болеста при дијагноза“, објаснува д-р Стојчевска-Чапова, радиолог. Таа вели дека вообичаено младите пациентки што се дијагностицирани со карцином на дојка или имале веќе познат зголемен ризик или се со субјективен клинички наод. Околу 10 отсто од пациентките биле носители на генетска мутација (BRCA), а докторката смета дека воведувањето скрининг кај носителите на генетски мутации може да овозможи рана детекција на овој карцином.

НЕМА СКРИНИНГ ЗА МЛАДИ

Преостанатите 90 отсто од младите пациентки со дијагностициран карцином на дојка немаат присутна генетска мутација, ниту семејна историја на болеста или други познати ризик-фактори. „Организираните скрининг-програми вообичаено ги опфаќаат пациентките над 40 години возраст. Поради овие причини, најголемиот број карциноми на дојка кај младата женска популација или дури 80 отсто е откриен со клинички преглед мотивиран од одредени симптоми, како што е постоењето на грутка, што, за жал, резултира со иницијално повисок стадиум при дијагноза или дури 57 отсто од случаите се откриени во втор или повисок стадиум, што значи и полоша прогноза“, вели д-р Стојчевска-Чапова. Таа објаснува дека кај пациентите помлади од 30 отсто најчест симптом, всушност, е грутката.

„Дијагностиката започнува со ултразвучна евалуација. Доколку ултразвукот не може да го објасни клиничкиот наод или доколку се потврди малигна болест, се вклучуваат дигиталната мамографија или магнетната резонанца, но тоа не треба да биде прва метода на избор кај младите пациентки, особено ако единствениот симптом е болка“, објаснува таа.

КАРЦИНОМ НА ДОЈКА ВО БРЕМЕНОСТ

Карциномот на дојка асоциран со бременост е болест дијагностицирана во текот на бременоста, во период од првата година постпартум или во период на лактација. Според податоците, три проценти од вкупно дијагностицираните карциноми на дојка се јавуваат во овој период и се со поголеми димензии. Докторката вели дека, иако во лактација е можно да се појавуваат грутки, дијагностичката обработка не смее да се одложува поради состојбата.

ТРЕТМАН И МОЖНОСТА ДА СЕ ДОБИЕ ДЕТЕ

Третманот на карцином на дојка кај младите пациентки е мултидисциплинарен. Хирургијата вклучува радикална мастектомија, штедливи интервенции, како и сентинел биопсија. Според докторката, главна дискусија се води околу прашањето за зачувување на фертилноста кај младите пациентки, а според Американското здружение за клиничка онкологија, одлуката за криопрезервација на ооцити или ембриони е тешка и може да го одложи лекувањето.

 Од друга страна, пациентките во бременост имаат уште потешка одлука – дали да се подложат на третманот или да добијат дете. Има и реален ризик од рана менопауза поврзана со третманот. Доколку станува збор за популација под 40 години, ризикот е од 20 до 61 процент, додека ако жената е над 40 години, тој ризик е зголемен или од 61 до 97 проценти. „И покрај можноста за нови медицински пристапи за помош на одржување на фертилитетот, многу млади пациентки се измачуваат со одлуката поврзана меѓу репродуктивното здравје и ризикот од рецидив“, вели д-р Стојчевска-Чапова.

ПСИХОСОЦИЈАЛНИ ПОСЛЕДИЦИ

Но пациентките што се заболени и подложени на третман често имаат и психосоцијални последици. Најчесто тие се загрижени за изгледот, сексуалноста и партнерските врски. „Во ст удија што анализира пациенти дијагностицирани со карцином на дојка во прв и втор стадиум на возраст под 50 години, по третманот во период од 3 години, 70 отсто од испитаниците реферираат дискомфорт и дисфорија. Квалитетот на живот, социјалниот и фамилијарниот аспект, емоционалната и функционалната благосостојба се значително пониски кај помладата популација“, вели докторката.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )