На месец и половина пред истекот на законскиот рок, откупот на тутунот е пред самиот крај што ретко кога било случај

Заради драстично опаднатото производство, а условено од повеќегодишните катастрофално ниски откупни цени и превисоката инфлација, откупот на тутунот е на самиот крај, иако крајниот законски рок е до 28 февруари. Државата манипулира кога тврди дека биле откупни 21 милиони килограми тутун, по просечна откупна цена од 290 денари, велат тутунарите, додавајќи дека ретко кога се случило уште во јануари да биде откупен родот. Тврдат дека во моментов, за откуп нема повеќе од половина милион килограми.

  „Овие бројки тие што ги истакнуваат малку се нереални, бидејќи ако излеземе на терен и ако видиме колку ниви се оставени, колку ниви не се засадени, колку тутунопроизводители – граѓани на оваа држава Македонија се иселени, едноставно нема кој да го работи тутунот, така што сите овие параметри укажуваат на намалување на производството. Се бараа годинава 26 милиони, од кои еве биле откупени 21 милион. Значи, пак пет милиони фалат и по нивната пресметка“, – дециден е Тони Ангелески, претседател на ТЗ „Жолто тутунско злато“.

   Дека тутун има се’ помалку, тутунарите велат доказ била и разликата во откупната цена од почетокот од откупот кога тутунот се ценел најмногу во втора или трета класа, и сега на крајот, кога и ѓубрето се откупувало во прва класа. Според нив, со тоа, дополнително биле оштетени многу тутунопроизводители и тие требало да бидат обесштетени, иако не веруваат во тоа.

   „Знаеме како комуницира МЗ со правиот тутунопроизводител, така што тешка работа дека ќе се обесштетат. Но да се надеваме на нешто подобро, бидејќи има многу тутунопроизводители кои се оштетени. Седум милиони килограми се откупени во прва и втора класа и со одбиток од 5%, а остатокот од 7-8 милиони килограми се откупени со 0% одбитоци, во прва класа. Значи, тука се енормни оштетувања на тутунопроизводителите“ –објаснува Ангелески.

   Тутунарите и понатаму остануваат на ставот дека ланската реколта ќе тежи најмногу 18-19 милиони килограми тутун. А убедени се и дека доколку пред почетокот на новата реколта не се постигне договор за повисоки откупни цени, голема е веројатноста тутунот и целосно да го снема од нашите полиња.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста