МНР конечно со реакција: Бугарија не направи доволно да спречи пристапување на радикални структури на Деве Баир

Без споменување дека Делчев е Македонец и македонски национален херој, Министерството за надворешни работи конечно реши да реагира на официјална Софија. Властите кај источниот сосед декларативно изразија надеж дека ќе ги спречат провокаторите да тргнат кон Македонија, но не успеаја или пак можеби не сакаа да успеат.

Од македонското МНР изразуваат жалење дека радикални бугарски поединци, претставници на организации и политички партии продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Македонија, нарушувајќи го достоинството на македонскиот народ и државата. Вината ја најдоа и кај бугарските власти.

-И покрај искажаната волја, Република Бугарија не направи доволно напори да спречи  пристапување на радикални поединци на граничниот премин Деве Баир, овозможувајќи на тој начин, дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија, велат од МНР.

Од МНР најавија и дека ќе го известат за недоличните пораки на бугарскиот европратеник Александар Јорданов.

Од она што можевме да го видиме на Деве Баир, бевме сведоци дека инциденти сакаа да предизвикаат обични луѓе од Бугарија, но и бугарскиот пратеник од партијата Преродба, Ангел Георгиев. Тој на својот Фејсбук сам објави снимка на која се гледа дека македонските полицајци се обидуваат да го вратат во неговото возило, но тој упорно одеше кон нив без никаква дозвола да се движи во тој простор, иако наредбите на полицијата на граничните премини мора да се почитува, по што, согласно законите пратеникот беше приведен.

Според бугарското МНР вината за ваквиот однос на бугарските граѓани била кај Македонија, ние сме работеле на расипување на односите со Бугарија, а тие правеле се за истите да останат добри. 

-Дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес, велат од бугарското МНР.

Причината поради која поголем број бугарски граѓани не можеа или се откажаа на својот пат кон Скопје беше што падна системот на Деве Баир и другите гранични премини. Бугарското МНР ова го дефинира како понижувачко и неприфатливо однесување на македонската Влада кон бугарскиот народ.

Ваквата реакција на властите во Софија доаѓа во период кога во тамошниот Парламент беше изгласана нова декларација што стана нов услов за европскиот пат на Македонија. Една од точките во неа се и бугарските културни клубови во Македонија, односно жестоко спротиставување на законот за фондации и здруженија, според кој културните клубови „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ имаат уште 10 дена да ги променат своите имиња или според законското решение ќе треба да бидат затворени.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста