Мицкоски по средбата со Фон Дер Лајен: Власта го распродава она што некој го платил со крв

Убивањето на младинците во Ваташа и депортирањето на Евреите во концентрациони логори не го правеле администратори – претседателот на ВМРО-ДПМНЕ предупредува дека со прифаќање на францускиот предлог ќе се избрише историјата на Македонија и фактите дека македонскиот народ бил секогаш на вистинската страна на историјата и се борел против фашизмот. Христијан Мицкоски критикува, корумпирани политичари во Владата го распродаваат она што многу борци го платиле со крв.

Ова се документи од гробовите на децаа од Ваташа, ова ли го прават администратори? Ова се тие луѓе. Ова ли е дело на администратори? Ова ли е дело на луѓето кои што велат дека ја администрирале Македонија. Ова се вагоните каде Евреи носеле во концентрациони логори. Ова ли се тие администратори кои треба да ги вклучиме во нашите учебници? Некој сака да избрише дека Македонија била секогаш на вистинската страна на историјата. Ете тоа се дилемите кои ги има ВМРО-ДПМНЕ а за жал овие корумпирани политичари во Владата ги немаат и го распродаваат она што некој со крв го платил – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Мицкоски имаше средба со претседателката на Европската Комисија каде посочил на три дилеми. Дали Македонија ќе ги почне преговорите пред или откако ќе ги внесе Бугарите во Уставот? Зошто според содржината на протоколот, во текот на преговорите ќе се разговара за историјата наместо за иднината и клучните критериуми за членство во Унијата како борба против корупцијата, владеење на правото, подобрување на економијата? И зошто да има унилатерална изјава од страна на Бугарија во однос на Македонскиот јазик?

Во говорот слушнавме дека ако помине ова што го промовира владата на СДСМ и ДУИ ќе имаме одржување на првата Меѓувладина конференција. Дилемата што ја има ВМРО-ДПМНЕ и македонската јавност е следна – во членот 11 во документот наречен „Заедничи став на Европската Унија“ јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите се додека не биде променет Уставот. Дали е тоа точно, оставам на експертската јавност да даде одговор – додава Мицкоски.

Според Мицкоски тврдењето на власта дека во преговарачката рамка има чист македонски јазик е лага, и со неа се подрива она што веќе е научно и меѓународно потврдено.  Покажа документи од третата конференција на Обединетите Нации од 1977 година кои се однесуваат на стандардизација на светските јазици, каде што јасно стои разликата помеѓу македонскиот и бугарскиот јазик.  

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста