И по цела недела од бришењето на клубот „Ванчо Михајлов“, називот го „краси“ еврејското маало во Битола

        Очигледно, не беше од полза ниту попмезното отворање, ниту црно-црвените балони, музиките и богатата закуска, а сигурно не помогна ниту спектакуларното појавување, во април лани, на целата државна бугарска политичка елита, за Клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола да има долг век. Провокаторски-апсурдно стокмен во еврејска куќа на улицата „Рузвелтова“ број 1, во срцето на битолското Еврејско маало, контроверзниот и докажан соработник на фашистите „Ванчо Михајлов“, не издржа ниту цела година. Под притисок на јавноста, после само 11 месеци од отворањето, минатата недела, тој беше избришан од Централниот регистар на Македонија, со што и де-факто, и де-јуре се забрани неговото постоење и делување. Но, на терен, освен катанците на портите, ништо друго не укажува дека „Ванчо Михајлов“ е мртов ?!

    Според некои од непосредните соседи на Клубот, негова активност не била забалежана долго време, а особено не, во последниве седум-осум дена. Нашите соговорници ни рекоа дека тие не виделе ниту дека никој дошол, а уште помалку дека отворил.Телефонски повторно го побаравме и претседателот на Клубот, самоосвестениот Бугарин, Љупчо Ѓеорѓиевски, за од прва рака да чуеме што понатаму со овие простории и зошто називот на Клубот се уште стои ?! Но тој, исто како и пред една недела, пак не одговори на нашите повици. Прашавме и во Државниот пазарен инспекторат кој и кога треба да го отстрани називот од Клубот, а за кој беше утврдено дека е назив на личност што се поврзвува со национална, етничка нетрпеливост, геноцид или поддршка на нацизам и фашизам. Оттаму ни одговорија дека согласно нивните ингеренции, тие немаат надлежност да постапуваат по однос на тргање на таблата од Бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“.

  Од друга страна, затворањето на Клубот „Ванчо Михајлов“ предизвика жестоки рекции од официјална Бугарија, која го оцени како израз на очај и паника на македонските власти заради, како што наведуваат, наводното вековно постоење на македонските Бугари во Македонија и нужноста тие да влезат во македонскиот Устав.

  Инаку, во меѓувреме, истата судбина го чека и Бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, за чие затворање во прашање се само денови.  

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста