Една година од почетокот на војната во Украина

„Она што се случува е неопходно, ова е присилна мерка. Украина можеше да создаде такви безбедносни ризици за нас што не беше јасно како Русија ќе можеше да продолжи да постои и не беше можно да се одговори со други средства. Тие не ни оставија шанса да постапиме поинаку“ изјави Путин на 24 февруари.

Една година од таканаречената „специјална воена операција“, чија цел според Путин била „демилитаризација и денацификација, а не окупација на Украина“. Една година од денот кој го промени светот – една година крвава војна. Иако Русија се надеваше таа операција ќе заврши за неколку дена, бидејќи силите на Москва се обидоа да го окупираат Киев и да ја соборат прозападната влада на Зеленски. Сепак, окупаторската армија наиде на отпор од Украина и беше принудена да се повлече од главниот град поради големи загуби на луѓе и опрема.

Три дена по почетокот од инвазијата, Русија го зазеде украинскиот град Мариопол, но претседателот на Украина беше дециден – Украина нема да го прераде оружјето.

Украинскиот претседател со истиот став и по точно една година.

„Не бегство, туку отпор. Отпор против непријателот. Отпор и борба. Тоа беше година на болка, жалење, верба и единство. И ова е година на нашата непобедливост. Знаеме дека ова ќе биде година на нашата победа“ рече Зеленски во својата порака на 24 февруари.

Во меѓувреме беснее целосна војна на истокот, каде што украинските сили ги одбиваат брановите руски напади долж линијата на фронтот во изминатите 24 часа.

„Руската Федерација ја продолжува целосната вооружена агресија против Украина веќе една година“, објави рано на 24 февруари Генералштабот на вооружените сили на Украина.

Воената агресија донесе погубни резулти – изгубени човечки животи,пролеана крв, ненадоместлива штета. Загинати се десетици илјади луѓе, стотици илјади повредени, околу 8 милиони бегалци од Украина, евидентирани 65.000 воени злосторства и огромна материјална штета на Украина за чија обнова ќе требаат 350 милијарди долари.

Податоците на Обединетите Нации говорат за 7.199 убиени цивили во Украина и за 11.756 повредени во изминатава година. Според податоците на европскиот комесар за правда, 65.000 осомничени воени злосторства се пријавени од почетокот на руската воена инвазија врз Украина.

Како последица на руската агресија врз Украина, повеќе од 8 милиони Украинци биле приморани да ја напуштат својата земја, додека дополнителни 5,3 милиони жители на Украина се водат како внатрешно раселени лица во земјата. Светот сведочеше за невиден егзодус.

„Мојата сопруга е бремена во осмиот месец, со оглед на ситуацијата и заради нејзино обезбедување ја донесов на станицата и ја качив во возот до полската граница.“

„Многу луѓе, а особено жени ќе се обидат да ја поминат границата со деца. И многу луѓе, семејства се обидуваат да одат во воз, но тоа не е доволно“,  

„Се качив на воз од Лавов за да стигнам овде. Беше многу тешко, имаше многу луѓе. Беше многу страшно и опасно физички и ментално опасно. Луѓето се под стрес, и кога луѓето се исплашени стануваат себични и забораваат за сè. Луѓето се трауматизирани затоа што биле во тој воз“.

„Чекам да се сретнам со моето семејство. Моето семејство сега е од другата страна на границата. Тие сега се на 18 километри од тука во огромна колона. А во текот на ноќта напредуваа во таа колона само 1,5 километри“ – коментираа украинските државјани.

По започнувањето на Руско-украинскиот конфликт , ЕУ почна со спроведување на пакети со санкции. Се забрани увозот на злато, нафта и јаглен од Русија. Бројни руски банки беа исклучени од меѓународниот платежен систем СВИФТ. Санкциите се спроведуваа во различни области, како финансии, енергетика, индустрија, транспорт, технологија, разни производи и луксузни стоки.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста