Договорот за пријателство ја отвори пандорината кутија

Наместо пријателство, Договорот со Бугарија донесе понижувања, условувања, негирање на македонскиот идентитет. Со највисоки воени почести на први август 2017 година беше пречечана бугарската делегацијаво Скопје, а тогашните премиери Заев и Борисов го претставија Договорот за добрососедство како историски чекор. Тогаш уверуваа дека минатото го поставиле како темел на иднината во која ќе се отворел патот за европските перспективи на Македонија.

Откако Заев и Борисов ставија параф на Договорот следеа низа барања на Бугарија, негирање на историјата и македонскиот јазик, непризнавање на македонското малцинство во Бугарија, условувања Бугарите да влезат во Уставот. Па така, пет години подоцна, јавноста стравува за македонскиот идентитет, јазик и историјата на Македонија, судејќи според протоколот кој треба да го потпишат двете Влади. Но елементите кои најверојатно се дел од тој протокол, годините наназад како да ги предвидуваше екс-премиерот Зоран Заев. Тој по потпишувањето на Договорот имаше низа скандалозни излагања кога уверуваше дека со Бугарија имаме заедничка историја.

Немаме споделена историја. Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е и македонски и бугарски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско. Наследивме време кое не беше во прилог на пријателството меѓу нас. Југославија нѐ подели. Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да ја градиме иднината. Треба да создадеме позитивна атмосфера за младите да го користат ова минато како „отскочна штица“ за подобра иднина во наредниот период. Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател.  Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации ширум светот, ќе сноси одговорност – изјави Заев на 25 ноември 2020 година.

Бугарска фашистичка војска, бугарски окупатор, несносен бугарски фашистички окупаторски режим – ваквите написи на спомен обележјата од Втората Светска војна Заев најави дека ќе ги менува, со цел да удоволи на барањата на Бугарија. Тој претходно, во интервју за БТВ се пофали дека уште кога бил градоначалник на Струмица, го променил текстот на еден спомеик.

Во Струмица, имаше една плоча каде пишуваше „тука загина наш јунак од бугарски фашистички куршум“. Таа плоча е сменета, и сега пишува „фашистички куршум“ – изјави Заев на 17 ноември 2017 година.

Договорот кој требаше да го зајакне пријателството, се чини дека донесе продлабочување на јазот помеѓу двете земји, кој очигледно и ден денес не може да се надмине доколку Македонија не ги стави идентитетските обележја во прашање. Па така, дел од протоколот кој Власта го крие, а циркулира во јавноста, покажува дека Македонија е таа која ќе попушти бидејќи истиот меѓудругото предвидува и менување на учебниците по историја и географија, следење на говорот на омраза и од бугарски институции, заштита на културата на Бугарите во Македонија и истите да бидат внесени во Уставот како услов за меѓувладина конференција.

Договорот кој веројатно од утре ќе биде и дел од преговарачката рамка на Македонија за членство во Европската Унија налага низа обврски за нас, а речиси ништо за Бугарија и не нуди никакви гаранции дека во иднина нема да има нови и нови условувања.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста