Дали со потпишувањето на 5-те закони Пендаровски ќе си ја потпише поддршката кај социјал-демократите за уште еден претседателски мандат?

Ќе им сврти ли грб претседателот Пендаровски на работниците за да на своја страна ја добие поддршката од владината коалиција за следните претседателски избори? Политичките аналитичари велат повеќе од јасно е дека само со параф на законските измени за „Бехтел и Енка“ најверојатно ќе го сместат Пендаровски како предлог на кандидатската листа од СДСМ и ДУИ. Искуството, велат, покажува дека претседателот мислењето го менувал согласно барањата на матичната партија па нема да биде прв пример ако тоа го стори и сега.

  • Мислам дека сме свесни, со десетици примери во минатото, Пендаровски многу често и многу брзо го менува своето мислење односно, дава изјави или мислење кое смета дека во моментот му одговара или сакаат да го слушнат граѓаните, и потоа го менува во зависност што сака неговата партија, СДСМ. Навикнати сме на ваквите менувања на ставовите. Во случај да не ги потпише дел од тие закони може да се збогува со можноста да биде кандидат на СДСМ и ДУИ за следните претседателски избори“ вели универзитетскиот професор Владимир Божиновски.  

Дека Пендаровски има амбиции за повторно да учествува на претседателските избори, кажа и самиот тој, потенцирајќи дека поддршката од граѓаните ќе биде клучна. Но, сепак не се знае дали Ковачевски и неговиот коалиционен партнер Ахмети ќе дадат зелено светло, оти неколку пати токму тој во своите изјави им противречеше на владините политики.

  • Не знам. Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол – важна ми е поддршката од коалицијата која во 2014 г. ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат“, изјави Пендаровски на 12.04.2023.

Пендаровски секако нема да остане без конкуренција. Неофицијално,и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски ќе влезе во трката за прв човек во државата, бидејќи во една прилика и тој самиот кажа дека не е во политиката ако би немал амбиции.

  • Јас нема да бидам во политиката ако немам политички амбиции и сум долго време тука, меѓутоа политичките амбиции на еден политичар не значат амбиции за остварување на лични цели. Моите политички амбиции се да ги оствариме целите на државата. Исто како кога како премиер бев дел од потпишувањето на протоколот за членството во НАТО или подигањето на македонското знаме пред НАТО. Следната цел која силно ја посакувам е токму членството во ЕУ..“ рече Спасовски на 26.03.2023.

Политичката борба на Пендаровски нема да биде лесна со оглед на тоа дека  крилото на Спасовски во СДСМ зема се поголем замав бидејќи тој е  еден од најактивните во кампањата на Социјал-демократите „Рамо до рамо“ со граѓаните, брифираат партиски извори за Алфа.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста