Во Прилеп, по втор пат се делеше бесплатен Василичарски бурек, а во еден ја имаше и паричката на среќата

        На платото под симболот на Прилеп, Градскиот саат, во чест на „Василица“, односно Стара Нова година, денеска напладне, бесплатно беа поделени над 500 парчиња Василичарски бурек, а само во едно од нив ја имаше и паричката на среќата. Таа на среќниот добитник, освен среќа, ќе му донесе и пригодни подароци од ЛС која пак, оваа манифестација започна да ја организира минатата година.

   „Јас сум Гаврил Кочоски. Иблагодарам на ЛС за организацијата. Очекувам само здравје, среќа, успех на сите“, – изјави Гаврил Кочоски, добитник на среќната паричка.                         

      Во градот под Марковите Кули, вековна традиција е „среќната паричка“ да се става во Василичарскиот бурек, а не во Бадниковото лепче. Нема прилепско семејство во кое не се „врти“ бурек, па оттука и идеата на локалните власти, лани, за прв пат овој настан да го направат јавен, а годинава и да го продолжат.

    „Целта е да доближиме среќа и љубов кон секој наш граѓанин, кон секој верник кој што навистина овој ден му е посебен. И им ја предавам мојата верба на моите сограѓани дека 2023, без разлика што влечеме последици од минатата година и економска, и енергетска и политичка криза дека оваа година ќе ја направиме посреќна, поуспешна со сиот капацитет со кој располагаме“– изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

   Прилепчани презадоволни од оваа иницијатива, бидејќи како што велат, силно веруваат дека пронаоѓањето на паричката во Василичарскиот бурек, или како што прилепчани го бикаат – мазник, навистина носи среќа.

   „Многу е убаво. Прекрасно е. Ова дружење е прекрасно. Дома, ние „Василица“ ја одбележуваме со мазник со паричка, по прилепски. Ние утре, за ручек го вртиме мазникот. Неколку години со ред, сена син ми му паѓа паричката и верувам дека среќа го заслужи“, – ни рече една прилепчанка.

   „Ни се допаѓа многу и мислиме дека е многу убав настан. Со ученици сме тука, ние сме професори во Економско училиште, овие се нашите ученици, па дојдовме да видиме. Ние немаме „Василица“, но си ја славиме Српската Нова година, ама немаме вакво јавно собирање и тој бурек, тоа го немаме“ – кажа проферсорка од Србија.

  „Кај нас кога на некој ќе му падне паричката за Бадник, се верува дека тој човек цела година ќе има пари“ – објаснува друга профеорка од Србија.

    Освен буреците, денеска беа поделени и повеќе од 100 литри варено вино, како и чај, кои беа донирани од неколку локални општествено-одговорни компании.

     Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста