АНАЛИТИЧАРИ: Новите партии на македонските Албанци не би требало да предизвикаат политички земјотрес

Демократско движење на Изет Меџити од фракцијата Огегна група која се одвои од ДУИ, и Европската демократска партија на Аријанит Хоџа, поранешниот претседател на БЕСА се новото освежување на политичката сцена во албанскиот блок за кои се уште не се знае во кој правец ќе го насочат своето дејствување и политичка платформа. Дел од аналитичарите не очекуваат драстични промени ниту политички земјотрес со оглед на сегашните состојби. Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека овие партии во 2016 тата би имале многу подобри позиции поради тогашната политичка клима, а сега на двете партии ќе им биде тешко, вели тој.

Во преполна сала со голем аплауз присутните поддржувачи го пречекаа лидерот на Демократското движење Изет Меџит, кој со апсолутно мнозинство гласови беше избран за претседател на партијата на основначкото собрание кое се одржа вчера. Тој во неговиот говор рече дека одлуката за новото движење не дошла од алчност туку од свесноста, да се биде водач и да се придвижат работите напред.

Во однос на прогнозата за пратенички места, Меџити е оптимист и очекува 6 до 7 пратеници. Тој вели новата  партија нема намера да ја урне ДУИ, туку да изгради платформа со која ќе даде придонес во сите сектори.

Инаку, идејата и одлуката за формирање нова партија не ја поддржаа сопартијците на Меџити, Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта, кои заедно со него беа дел од фракцијата позната како огнената група.

Ден претходно, партија основа и поранешниот претседатeл на БЕСА, Аријанит Хoџа koј не беше задоволен од одлуките на сегашниот претседател Билал Касами. Toj беше против доближувањето на БЕСА до Алтернатива на Африм Гаши и Демократското движење на Изет Меџити во заеднички опозициски фронт.

На основачкото собрание на партијата викендов, Хоџа потенцираше дека тој е за уставни измени бидејќи државата влегува во едно сценарио во кое европската перспектива е загрозена.

Инаку, покрај одамна формираните  ДПА и ДУИ, во последните 10 години се формираа и Движењето Беса на Билал Касами, Алијанса за Албанците на Арбен Таравари и Алтернатива на Африм Гаши.

Во пресрет на парламентарните избори кои треба да се одржат идната година, на политичката сцена на Албанците се приклучуваат уште четири нови партии.

Граѓанското Европско Движење на Ѓула Челик кое се формираше пред 2 години, Демократското движење на Изет Меџити, Европска Демократската партија на Аријанит Хоџа и партијата или движењето што се најавува од пратеникот Скендер Реџепи Зејд.

Паула Костадиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста