СБ: Македонија со најмал раст во регионот

Македонија со најмал економски раст во регионот годинава. Светска Банка ја намали проекцијата за раст на земјава од 3,7 на 2,7% – стои во најновиот полугодишен извештај за Западен Балкан. Поради војната во Украина се проектира повисока инфлација од 5,5%. Банката предупредува дека ако Владата продолжи со дарежливата фискална политика преку субвенции, даночни ослободувања и промени во пензиската политика, таквата состојба не е одржлива и може да ја наруши макроекономската стабилност. Едноставно, ременот ќе мора да се стегне и што повеќе да се заштеди. Државната помош ќе мора да се преиспита, мерките треба да бидат точно таргетирани и временски ограничени.

Светска банка очекува Народната Банка да продолжи со подигање на основната каматна стапка. Сепак, велат загрижува обемот на дефицитот кој е поголем од првично планираниот и јавниот долг кој според банката ќе достигне 62,7% од БДП. Парите кои треба да се позајмат ќе станат поскапи, во услови на зголемена поптреба од рефинансирање на долговите. Владата ќе мора да бара начини како да ги зголеми приходите во буџетот. Даночните олеснувања кои ги имаат компаниите од ИТ секторот и индустриските зони ја намалуваат сумата собрана од даноци. Светска банка сугерира – наместо да се зголемат даночните стапки за граѓаните и фирмите, Владата активно да се бори против сивата економија.

Поради неизвесноста околу тоа колку ќе трае војната во Украина, Светска Банка уште два пати ќе ги ревидира проекциите до крајот на годинава. Со очекувања за економски раст од 2,7% Македонија се најде на дното на листата на Светска Банка заедно со Босна и Херцеговина. Албанија и Србија би требало за завршат во позитива од 3,2%, Црна Гора д аима раст од 3,6%, а Косово од 3,9% во 2022-та.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста