Како Арачиново доби струја а сметките останаа неплатени? – Експертите за Алфа: Вака не се купува социјален мир

Арачиново доби струја, сметките останаа неплатени. Лично министерот за економија Крешник Бектеши се пофали дека проблемот бил привремено надминат, без да објасни како, само дека Владата интервенирала кај ЕВН.

За купување на социјален и коалициски мир, државата замижува пред очигледен криминал, сметаат аналитичари. Според нив, ова е само уште еден доказ дека поважно од функционирањето на правната држава е опстојувањето на коалицијата СДСМ – ДУИ.

Еден од првите советници во ЕВН по нејзината приватизација, Агим Јонуз, смета дека ситуацијата од економски и технички проблем намерно станува политички. Но и оти сите проблеми потекнуваат и завршуваат во Владата.

– „Најбезобразната работа е што се селектираат пунктовите, за да може да се исполитизира економски проблем. Народот нема пари да плаќа. Па по Скопје, кој е процентот на наплатеност. Државата не смее да функционира по принципот на политизирање на економски проблеми. Сите проблеми, сите решенија водат директно кон владата на Република Македонија.“ – Вели аналитичарот Агим Јонуз

Аналитичарот Синиша Пекевски објаснува дека на овој начин проблемите не се решаваат туку само се туркаат под тепих и дека лојалните граѓани се дискримирани од страна власта.

– „Не е возможно во една држава каде што лојалните граѓани кои плаќаат даноци секоја година, каде ги плаќаат сите сметки секоја година, најмногу да губат, за разлика од оние кои со години не плаќаат сметки. Јас ги ставам политичарите и оние нелојлните граѓани на иста страна, затоа што и двете се заинтерсирани да земат што е можно повеќе некаков бенефит за себе, а што е можно повеќе тоа да го плати чесниот и лојалаен граѓанин на Македонија.“ – Изјави Синиша Пекевски – Аналитичар.

Според засега непотврдени податоци, трафостаниците низ Општина Арачиново бележат загуби од 65 до 96% од електричната енергија. Во февруари годинава, според неофицијалните пресметки во овој регион биле украдени вкупно 2.800 мегават-часови, што на годишно ниво се повеќе од 20 илјади мегават-часови, односно, околу 6 милиони евра. Ова не е прв пат жителите на Арачиново да протестираат поради струјата, по неколку дена секогаш им била вклучувана а проблемот со наплатата останувал нерешен.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста