Задолжување кај Светска банка од 70 милиони евра за локални патишта

Владата повторно се задолжува. Овојпат за 70 милиони евра кај Светска Банка. Парите се наменети за реконструкција и надградба на 450 километри локални патишта во 80 општини. Од министерството за финансии велат дека заемот ќе се отплаќа во период од 15 години со поволна каматна стапка која моментално изнесува 0,15% и грејс период од 5 години.

„Секој вложен денар во инфраструктурата четирикратно се враќа: се поттикнува транспортот, трговијата, туризмот и воедно се обезбедуваат подобри услови за живот на граѓаните. Преку овој проект ќе се обезбедат средства со кои ќе се подобри локалната инфраструктура низ целата земја“

Непосредно пред формирањето на техничката Влада, министерството за финансии побрза да ги потпише сите задолжувања кај меѓународните финансиски институции, за дополнителниот заменик министер за финансии од опозицијата да не ги спречи во позајмувањето пари дома и во странство. Се земаа пари од неколку странски банки во висина од 300 милиони евра. За првпат во историјата на земјата, министерството реши дури и да се задолжи вонредно за 135 милиони евра кај 6 домашни банки за да врати стар долг од 2013-та кој доспева за плаќање на 29-ти јануари.

Догодина, нето задолжувањето ќе изнесува 320 милиони евра, од кои 200 милиони на домашниот, а остатокот на странскиот пазар. Јавниот долг од сегашните 5,4 милијарди евра или 47.7% од БДП, во 2020-та, според најновата фискална стратегија, може да ја надмине границата од 50% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста