За Уставен се е во ред: Делењето владини ваучери и платежни картички во тек на кампања не било спорно

Делењето владини ваучери во тек на кампања не е спорно за Уставниот суд, иако за многумина тоа претставува предизборен поткуп. Судиите решија да не поведат постапка за испитување на уставноста и законитоста на оваа владина уредба, донесена во текот на вонредната состојба. Со уредбата беше одлучено над 300.000 граѓаните да добијат домашна платежна картичка, и тоа во текот предизборната кампања, со оглед на тоа што делењето на ваучерите е во тек, а предвидено е да заврши до 18-ти јули.

За експертите тенка е линијата меѓу помош за граѓаните и предизборен поткуп во овој случај. Според Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешенел, периодот на реализација на мерките се совпаднал со предизборието, па тешко е да се дефинира дали некој го злоупотребил процесот. Тасева смета дека пакетот мерки повеќе личел на популизам кој има за крајна цел добивање гласови на избори.

-Не можат исплаќањата од овие картички да се вршат во време на предизборна кампања, ниту пак во време на избори и затоа мора да се внимава, мислам дека и Антикорупциската комисија на тоа ќе внимава и ќе излезе со свој став, вели Тасева.

Покрај сомнежите дека оваа мерка се злоупотребува во предизборни цели, пари сепак многумина на кои им се најпотребни. Речиси 85 илјади граѓани извисија бидејќи биле пасивни баратели на работа. Една од нив е Виолета Милошевска од Гостивар. Без никакви приходи, вели по 32 години не било фер да остане без помош.

Агенцијата за вработување за 3 децении ниту еднаш не и понудила работа, иако таа редовно се пријавувала. Кога конечно минатата есен поради здравствени проблеми, не можела да се пријавува секој месец, влегла на листата на пасивни лица. Токму поради овој потег, сега не и следуваат 9.000 денари.

-Дури и директорот во Фондот кај што се пријавувам се зачуди. Вели како може тебе да не ти следи кога цел живот си под Завод, не знам реков директоре, во УЈП бев се чудеа и тие, викаат ова е катастрофа ова е срамота, ова е баш срамота невидена. Јас сум чиста пред УЈП, во Фондот исто. Нека проверат од 88-ма до денеска дали еднаш имам промашено, вели за Алфа Виолета Милошевска.

Делењето на домашните платежни картички започна во месец јуни, а она што претставува плус сомнеж дека мерката се злоупотребува е што делењето трае се уште, а ќе трае и после изборите.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста