Во хосписот “Сју Рајдер” во Битола, врие од корона

Една недела трае макотрпниот скрининг, епидемиолошките иследувања и тестирања на пациентите и песоналот во хосписот“Сју Рајдер“ во Битола, кој е организациски дел како работна едница во рамките на Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина “13 Ноември“ од Скопје. По вчерашното тестирање, може да се рече од вкупно тестираните 46 пациенти, дури 72 отсто се позитивни на Ковид- 19, а за останатите 15 од вкупно 61, резултатите ќе се знаат утре.

  • Досегас, од 69 пациенти, земени се брисеви на 46, а денес уште на 15 се земени и тоа значи дека го заокружуваме бројот и сите се опфатени. Од почетокот земавме брисеви на пациенти кои имаа симптоми и од тие 46, до денес имаме позитивен наод на 33, а останатите се негатоивни. За среќа, засега сите со лесна клиничка слика и покриени со двојна терапија, со постојан надзор на докторите во “Сју Рајдер“ и секако, во консултација со инфектолозите од Клиничката болница- рече д-р Елизабета Крстева, директор на ЦЈЗ во Битола.

Од персоналот, на седуммина кои биле суспектни на симптоми од корона, кај шестмина резултатите од тестирањето се позитивни.  Останатите 34 вработени, ќе бидат тестирани денеска и утре, така што целосната слика за нивната состојба ќе се знае за два дена. Директорката на Специјализираната болница “13 неомври“ д-р Самија Љатиф- Петруловска, по телефон денеска ни рече дека позитивните на ковид- 19 се со полесни симптоми, исто како и персоналот и се преземаат сите неопходни мерки оваа состојба да се санира, поради што, таа е оптимист. Со оглед дека во хосписот од почетокот на короната се забранети посети и има пациенти со различни болести и состојби, с`е уште не е утврдено на кој начин е создаден кластерот со овој вирус, но едно е сигурно, некој го донел од надвор. Инаку, во Битола деновиве расте бројот на новозаразени со просек од 33 лица, што создава огромен притисок за тестирање, а во лабораторијата на ЦЈЗ дневно се вршат до 100 тестирања.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста