Унгарскиот премиер бара оставка од потпретседателката на Европската комисија

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја повика потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова да поднесе оставка поради нејзините „понижувачки изјави“ за унгарскиот народ.

Според тврдењата на потпретседателката на Комисијата, во Унгарија била создадена „болна демократија“ и уште ги навреди граѓаните на Европската унија од Унгарија кога изјави дека не се во позиција да формираат независно мислење – вели Орбан во писмото до претседателката на Комисијата, Урсула Фон Дер Лејен.

Во писмото Орбан нагласува дека изјавата на Јурова е „навредлива за Унгарците и Унгарија“.

Орбан додаде дека Јурова со своите изјави го прекршила Лисабонскиот договор според кој треба да биде неутрална и објективна. Орбан порача дека неговата земја е подготвена да ги „суспендира политичките односи“ со Јурова.

Унгарскиот премиер нагласи дека Унгарија „уште од влегувањето во Европската унија во 2004-та година била посветена земја членка и секогаш постигнувала договори околу разни спорови“ и дека официјална Будимпешта „ја цени работата на претседателката Урсула фон дер Лајен на чело на Комисијата“.

Претходно, Унгарија и Полска  објавија дека формирале Институт за борба против „Либералната идеолошка репресија“ од Брисел, откако се заканија дека ќе го блокираат планот за закрепнување на Европската унија, поради најавените субвенции поврзани со владеењето на правото во земјите-членки на Унијата.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста