Трамп против Бајден, Пенс против Харис, расчистен е теренот за американските претседателски избори

Доналд Трамп и Мајк Пенс наспроти Џо Бајден и Камала Харис. Вака ќе изгледа американската претседателска трка. Останува само и официјално Републиканската и Демократската партија да ги потврдат кандидатурите на конвенциите кои ќе се одржат овој месец а кои поради корона вирусот ќе бидат виртуелни. 

Жена која не е бела и која потекнува од имигрантско семејство – ова е изборот на Џо Бајден за потпретседателски кандидат за кој се надева дека ќе биде добитната комбинација.  

Како дете на имигранти таа лично знае како имигрантските семејства ја збогатуваат нашата земја, но знае и за предизвиците што значи да се биде црн и Индиец во САД. Нејзината приказна е американската приказна, вели Бајден. 

55 годишната Камала Харис е сенаторка од Калифорнија, претходно била главен правобранител на оваа сојузна држава. Нејзината мајка е од Индија, а таткото од Јамајка. 

Случајот против Доналд Трамп и Мајк Пенс е отворен и затворен. Така е кога избираме човек кој не е подготвен за функцијата. Нашата земја завршува распарчена, а и нашата репутација низ светот, вели Камала Харис. 

Камала Харис на првиот јавен настап откако влезе во трката го нападна двоецот Трамп – Пенс, но и тие веднаш возвратија. 

Таа е катастрофа. Ќе биде катастрофа за партијата. Почна силно. Таа е екстремно либерална. Всушност слушнав дека таа е најлибералната личност во целиот Конгрес, вели Трамп. 

Сите знаеме дека Џо Бајден и Демократската Партија се преземени од радикалната левица. Со оглед на нивните ветувања за повисоки даноци, отворени граници, социјално здравство и абортуси по потреба, не е изненадување дека тој ја избра сенаторката Харис, вели Пенс. 

Со изборот на кандидат за потпретседател Демократите и Републиканците се обидуваат да ги зајакнат позициите кај гласачите, но целат кон сосема различни групи – Пенс е популарен кај конзервативните граѓани и кај религиозните заедници особено кај евангелистите, додека Харис би требало да ги привлече имигрантите, малцинствата и Афроамериканците. 

Потпретседателската улога во суштина се смени со администрацијата Картер-Мондејл, каде потпретседателот стана сестран советник и коректор на грешките од претседателот. И таа пракса продолжи со речиси сите претседатели… Го советува. Работи со Конгресот. Тој е врска со законодавната гранка на власта. Презема дипломатски службени патувања, вели Голдстајн. 

Соединетите Држави досега немале жена потпретседателка. Камала Харис е трета која ќе се обиде да стигне до оваа функција. Обидите на Џералдин Фераро од Демократската Партија во 1984-та и на Сара Пејлин од Републиканската во 2008-та завршија со пораз на изборите. 

Претседателските избори треба да се одржат на 3-ти ноември, а инаугурацијата традиционално е на 20-ти јануари. За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон. 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста