Стаменковска: Од 60 илјади нови вработувања, 40 илјади се во администрацијата

Од 60 илјади нови вработувања со кои Владата се фалеше дека ги реализирала во изминативе 2 и пол години, дури 40 илјади се во администрацијата. Заменик министерката за администрација Невенка Стаменковска обвинува за трупање на партиски кадри во јавниот сектор, а тврди дека состојбата станала особено алармантна во предизборниот период. Вели не можат да се добијат информации по кој основ биле ангажирани овие луѓе, дали како замена, редовно вработување, или за пополнување на испразнети места на пензионирани административци. Се менувале планови и систематизации на работни места за да се „пикнат“ на работа партиски послушници.

Дополнителната заменик министерка за финансии Димитриеска Кочоска нема податоци за вработувањата и согласностите за ангажирања кои ги дава министерството. Вели дека министерката Нина Ангеловска и одговорила дека не води евиденција за тоа, ниту пак за буџетот кој е потребен за да се исплатат плати и надоместоци за овие службеници.

Димитриеска – Кочоска алармира дека комуникацијата во финансии се уште е на ниско ниво. Не можела да добие информации ниту за јавниот долг, односно кои институции колку должат, колкави се каматите, колку државни гаранции биле дадени со конкретни датуми. Од министерката Нина Ангеловска засега нема одговор на овие обвинувања. Јавниот долг достигна скоро 49% од БДП, односно надмина 5 и пол милијарди евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста