Се полни архивата на ДИК, партиите ги поднесоа приговорите за изборните резултати

Се полни архивата на ДИК – речиси сите политички партии кои беа во трка за пратеници во новиот парламентарен состав поднеле приговори до Комисијата.
Портпаролот на ДИК, Адмир Шабани за Алфа вели оти партиите се жалеле и за спроведување на гласањето и за изборните резултати.

Првите два приговори стигнале уште вчера изутрина од партијата „Демократи“ на Јорго Огненовски. Приговори поднеле и од ВМРО ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Интегра, СДУ, Моро и Коалицијата Никогаш Северна – Само Македонија. Сепак најголем број приговори, стотици, поднесе партијата на Димитар Апасиев, Левица. Се жалат на изборни манипулации и украдени пратенички места.

Од ВМРО ДПМНЕ, пак велат дека и странските набљудувачи констатирале правна несигурност на изборите и бараат рачно пребројување на гласачките ливчиња. Несвојствено е велат да има толку голем број на неважечки гласачки ливчиња.

„Државната изборна комисија има обврска да ги испита сите сомнежи за неправилности и фалсификати, вклучително и рачното да се пребројување гласачките ливчиња, затоа што не смее да има црна дамка на процесот при ваков масовен поткуп и фалсификат. Имаме огромен број на неважечки ливчиња, над 30.000 несвојствени за ваква излезност на еден изборен процес“, вели Димче Арсовски, портпарол на ВМРО ДПМНЕ.

Првиот човек на Комисијата, Деркоски, во синоќешното гостување на ТВ Алфа, рече дека Комисијата прво ќе ги разгледа приговорите, а потоа ќе одлучи дали би имало ново транспарентно пребројување.

„Ќе оставиме да одлучи Комисијата за тоа, бидејќи тоа е одлука на Комисијата по приговорите. Инаку јас не отстапувам од тоа што вчера го изјавивме како Комисија и го донесовме заклучокот за објавување на тие првични конечни неофицијални резултати од кои што почнуваат да течат приговорите. Комисијата веројатно во недела или понеделник ќе заседава и ќе одлучува по приговорите“, вели Оливер Деркоски, претседател на ДИК.

ДИК сега има 72 часа да ги разгледа приговорите и да им одговори на подносителите. Оние кои нема да бидат задоволни од одлуките на Комисијата ќе може да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Судот пак има 48 часа да се произнесе по поднесената жалба.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста