Само бурек без јогурт од северномакедонска кујна – речиси празен штанд на саемот за храна во Берлин
Само бурек од северномакедонска кујна. Македонија се посрамоти на еден од најголемите саеми за храна во светот. На саемот во Берлин можеше да се најде се, чоколадо од Того, вино од Аргентина, чај од Непал, но речиси ништо од Македонија. На штандот имало единствено бурек без јогурт од една компанија. Наши граѓани кои го посетиле саемот на социјалните мрежи пишуваат дека на нашиот штанд посетителите можеле да видат празни столици, празна витрини, а посетителите не можеле дури ниту бурекот да го пробаат.
Не само што земјава била лошо претставена, туку и производите се рекламирале како дел од северномакедонската кујна и покрај тоа што согласно Преспанскиот договор, државава не е обврзана да го стори тоа.
„За Министерството за земјоделство нашата кујна е – Северномакедонска. Ни име, ни датум, ни ајвар, ни вино! Убедливо најлошиот и најсиромашен и најмизерен штанд на цел саем! Ни еден денар кој што го фрливме во субвенции за земјоделците, не ќе роди претприемач!“ – пишува еден македонски посетител на фејсбук.
Од министерството за земјоделство се правдаат дека не сакале да ја промовираат кујната како северномакедонска. Се работело за техничка грешка.
„Банерот е предлог на компанијата Кадино, којашто дизајнот го има препратено до организаторот на саемот. Станува збор за техничка грешка направена при превод и за која што е реагирано од министерството и која во моментов е поправена. Веднаш по реакцијата на министерството до организаторот, е направен нов рекламен банер, кој ќе биде поставен на штандот до крајот на работниот ден“ – стои во одговорот од министерството.
На прашањето зошто само една компанија се претставила на саемот, од министерството велат дека секоја држава се претставувала со традиционални производи, па затоа во фокусот бил бурекот и мелница Кадино. Објаснија дека следната година можат да се промовираат и пиперката и сирењето, но не наведоа зошто и други компании што прават брашно не се најдоа на штандот во Берлин.
Тања Попова