Пазарџиите му се налутија на Богдановиќ зашто доцеше – сепак средба имаше, но договор не

Жестока дебата меѓу пазарџиите од Зелен пазар и локалната власт. Конфликтот меѓу пазарџиите на „Зелен пазар“ и општината Центар, по поскапувањето на цената за паркингот, вечерва стигна на работ на конфронтација меѓу двете страни. Околу педесетина пазарџии со свирежи го дочекаа првиот човек на општината, по што седнаа на заедничка маса, но ништо не се договорија.

Пазарџиите кои се сретнаа со градоначалникот на Центар и директорот на ПОЦ им посочија низа проблеми, но клучен беше оној каде бараат поевтинување на цената на паркингот околу Зелениот пазар.

Градоначалникот им рече дека оваа опција ќе се разгледа, по што ќе кажат што е прифатливо, а што не.

Пазарџии стравуваат дека никој нема да влезе на пазарот за на пример да купи јаболки од 30 денари, ако треба да плати 70 денари за еден час паркинг. Нудат повеќе предлози за решавање на спорот – поскапувањето да биде помало, првиот час да не се наплаќа и друго.

Ставот на општината пак е дека поскапувањето на паркингот се однесува на целата територија на општината. Во конкретниот случај, ги обвинуваат дел од пазарџиите дека го злоупотребуваат досегашниот систем на наплата.

Од општината досега велеа дека решението на проблемот треба да се бара во „Скопски пазар“ кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги.

Закупците на тезги се пожалија и на дивите продавачи, кој им го јадат лебот на легалните.

Првично, иако состанокот им беше закажан за во 16 часот, тој почна со задоцнување, па чекањето ги налути пазарџиите. Тие излегоа од салата за состаноци, по што градоначалникот побрза да ги врати.

Пазарџиите побараа зачестување на инспекциите, зашто според нив, иако кога ќе се појавеле и правеле контрола, не си ја завршувале работата.

Неколку часа траеше состанокот меѓу пазарџиите, првиот човек на Центар и директорот на ПОЦ, проблемите беа ставени на маса, но барем за сега решение нема.

Сега, барањата на пазарџиите заминуваат во рацете на Советот на општина Центар, која по разгледувањето треба да даде „амин“.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста