Рекордно најголемиот буџет со ребалансот станува уште поголем

Рекордно најголемиот буџет се зголемува за дополнителни 53 милиони евра. Владата го усвои ребалансот на буџетот. 3,95 милијарди евра ќе изнесуваат вкупните расходи или за 1,4% повеќе од првично планираното. Во буџетот пак од граѓаните и фирмите ќе се соберат за 11.2% помалку пари , односно приходите ќе изнесуваат 3,2 милијарди евра. Јавниот долг ќе се зголеми на 58%, дефицитот ќе изнесува 750 милиони евра милиони евра или 6,8% од БДП, а невработеноста според Министерката за финансии ќе биде околу 17%. Ангеловска потврди дека пензионерите ќе го добиеле покачувањето согласно трошоците на живот. Вели никаде во други земји не се кратело во делот на расходите. Економијата ќе закрепнела во третиот квартал, а ќе се вратела на старите патеки на економски раст во последните 3 месеци од годината.

Од даноци ќе се соберат за 16% помалку пари, од придонеси во државната каса ќе се слеат за 5,4% помалку, од други приходи минус 3% помалку средства. За борба против корона вирусот ќе се потрошат вкупно 82 милиони евра. Од нив, 50 милиони евра ќе се префрлат во Владата за стимулирање на приватната потрошувачка. Повеќе пари или 10 милиони евра очекувано ќе добие министерството за здравство, од кои фондот за здравство ќе се зајакне со 5,7 милиони евра. Дополнителни средства или 5 милиони евра повеќе ќе има во министерството за образование, 1 милион за кредити во министерството за економија, 2.5 милиони евра во АВРМ. И покрај тоа што Владата рече дека ќе нема, сепак има намалување кај капиталните инвестиции за 68 милиони евра. Тие ќе изнесуваат 317 милиони евра. Ангеловска тврди дека се кратело од несуштински проекти.

Ребалансот на буџетот предвидува 491 милион евра односно мало кратење кај трошоците за плати. Министерката потврди дека намалување на плати во администрацијата ќе нема, туку кај привремените вработувања. Помалку средства ќе има и за стоки и услуги, како и за тековни трансфери. Владата уште претходно информираше дека очекува пад на економијата од 3.4% годинава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста