Моловите полека се враќаат во нормала, граѓаните чекаат, но со претпазливост

Се чистат дуќаните, се дезинфицираат трговските центри кои речиси два месеци беа под клуч. Добар дел од нив денеска ги отворија вратите за посетители. Алфа беше во еден од поголемите молови во центарот на Скопје, каде газдите полека се подготвуваат да почнат со работа.

Од менаџментот на трговскиот центар „Ramstore“ за Алфа велат дека се подготвени за работа, но секако со почитување на препораките.

Алфа беше првата телевизија која направи обиколка низ објектот. Првиот човек на трговскиот за Алфа рече дека се ќе се дезинфицира многу често, со цел да се влијае на здравјето на сите во целокупното работење.

– Ние како општествено одговорна компанија, уште на почетокот со ситуацијата со коронавирусот започна со превентивни мерки кои беа во насока на општото здравје на сите посетители и будно ги следиме сите препораки, како и примерите од земјите кои веќе започнаа со работа и за таа цел можеме да кажеме дека сме спремни за работа и отворање. Бидејќи здравејто на нашите посетители е наш најголем приоритет, сите препораки ќе бидат целосно имплементирани, а ќе имаме и дополнителни процедури за хигиена на секој посетител, како и запазување на социјалната дистанца, се со цел враќање во нормала секојдневните навики и нормализирање, рече за Алфа генералниот директор на „Ramstore“ Џеладин Џули.

Начелно ќе се функционира според протокол, по едно лице на 5 метри квадратни, без групирање, држење на растојание од 1,5 до 2 метри, постојано опоменување за почитување на мерките на разгласните звучници. Дел од граѓаните генерално се за отворање на моловите, но внимателно.

Инаку вратите ги отвори и „ВЕРО Џамбо“, а веќе од утре ќе се отворат и „Capitol Mall“ и „City Mall“. Сите ќе работат со скратено време од 10:00 до 18:00 секој ден освен недела.

Инаку, на 18 мај се предвидува да започнат со работа кафулињата и рестораните, а веќе од 25 мај се предвидува да започнат со работа и казината, затворените базени, и фитнес-клубовите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста