Пред новата сеидбена реколта, тутунарите со јасни барања до откупувачите и до државата

Оставајќи зад себе, како што велат самите, уште една лоша откупна година, македонските тутунари пред новата сеидбена реколта, ја започнаа серијата трибини под мотото „Тутунопроизводството – проблеми и решенија“, а  со цел утврдување на идните правила за производство и откуп на македонското „жолто злато“. Велат дека повеќе нема да дозволат и понатаму да се злоупотребува нивниот труд со откупни цени кои ни приближно не им ги покриваат производствените трошоци, особено ако се земе предвид енормното покачување на цените на сите животни трошоци.

„Покачување на цените по класи, сразмерно на покачувањата на репроматеријалите, израмнување на субвенциите, линеарно за сите класи на 90 денари, вклучително и на дополнителната класа и вклучување натутунарите во мерката „зелена нафта“. Сметме дека тутунарите неправедно се изоставени од оваа мерка“, – рече Игор Мирчески, координатор на новоформираните тутунски здруженија.  

Според тутунарите, годинашниот род, кој е во помали колични, но со исклучително висок квалитет, не им бил вреднуван согласно квалитетот. Обвинуваат дека сега, на десетина дена пред затворањето на откупните пунктови, откупувачите ги зголемиле откупните цени, па прашуваат кој и како ќе ги обесштети тутунарите кои родот го предадоа на почетокот на откупот.

„Со овие цени сме нерентабилни. Според податоците од државата односно на МЗШВ до денес се откупени 18, 7 милиони килограми, со просечна цена која едвај достигна 200 денари. Но, за жал можам да кажам дека производната цена на тутунарите за оваа година е 217 денари, што значи дека тутунарите во оваа реколта работеа со загуба од 17 денари по килограм. Ова е неодржливо и неприфатливо и овие состојби мора да се променат“, – посочи Мирчески.

„За да биде исплатлива, просечната цена требаше да биде 240-250 денари. Друга една работа што направија откупувачите и треба да сносат одговорност е што одредени класи на тутун до Нова година, подбирот одеше во трета класа и дополнителна – 150 денари, а сега, во овој момент „дибот“ оди во прва и втора класа. Значи разликата на цената на тутунопроизводителите кој ќе им ја плати, кој ќе им ја доплати“, – прашува Кире Ристески – претседател на ТЗ „Тутунска надеж“.

Инаку, на оваа трибина, и покрај уредната покана, не се појавија претстваниците од Сојузот на земјоделски здруженија иако тој е едниственото легитимно тело кое треба да ги застапува тутунарите пред откупувачите и надлежните државни органи и е платено со пари од тутунарите. Вакви трибини, според најавите, ќе се одржуваат и во другите градови и поголемите населени места во земјава.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста