Почина музичката легенда Аки Рахимовски од „Парни Ваљак“
Уште една музичка ѕвезда замина во легендите. Тивко, во Словенија, ненадејно почина скопјанецот и еден од најголемите вокали на балканските простори Аки Рахимовски. Долгогодишниот пејач на „Парни ваљак“, почина денеска на 66 години, објави групата на својата страница на Фејсбук.
- На Рахимовски утрово му се слоши, по што почина во болницата во „Ново Место“, изјави неговиот менаџер Дамир Осредечки.
- Драги пријатели, со неопислива тага во нашите срца, ве известуваме дека денеска, 22.01.2022, за секогаш заспа Аки Рахимовски – пишуваат неговите фанови кои се во шок и неверување.
Синот на сега веќе починатиот Аки Рахимовски, Кристијан Рахимовски последниве денови имал претчувство дека здравјето на татко му се влошува. Менаџерот Дамир Осредечки и тој дознале за смртта на Аки нешто после 13 часот, пренесоа од „ЈутарњиЛист“
Менаџерот пренесе до јавноста дека синот мошне тешко ја примил веста.
- Кристијан многу лошо се чувствува и не е во состојба да разговара. Секој ден се слушаа со Аки и пред дена ми рече дека му е страв за татко му, затоа што гледаше дека не му е добро, вели Дамир.
Малкумина знаат дека во 2018 Аки претрпе мозочен удар, но откако поминаа неколку месеци, тој отворено зборуваше како закрепнал од болеста. Тогаш тој изјави дека ги променил животните навики, иако му било тешко, но сепак се чувстувал добро. Неговиот менаџер за јавноста кажа дека причината за наглото влошување на здравјето денес, наводно е поради срцето, затоа што Аки имал вградени шест стента.
Рахимовски го предводеше „Парни ваљак“ повеќе од 45 години. Тој е роден во Ниш во 1955 година, но пораснал во Скопје, каде што неговото семејство се преселило кога бил мал. Тука почнал да го стекнува своето музичко образование, учејќи клавир и пеење.
По доаѓањето во Загреб бил член на неколку групи, пред да го запознае гитаристот и композитор Хусеин Хасанефендиќ, со кого во 1975 година ја основал групата „Парни ваљак“, која низ годините ќе стане една од најпопуларните во поранешна Југославија, а Рахимовски еден од најдобрите фронтмени.
Фронтменот Рахимовски, со „Парни Ваљак“ со децении ги освојуваше срцата на публиката, со оваа група сними десетици албуми продадени во стотици илјаден тираж, со огромен број концерти во поранешна југославија и надвор од земјата.
Аки велеше дека Македонија му беше како втора татковина и често беше гостин во нашата земја. Се истакнуваше со вонсериски глас и настап на сцената. Засега нема информации која е причината за смртта на музичката легенда.
Рахимовски сними 17 студиски албуми со „Парни ваљак“.
Борис Грујоски