Од вчера обвинет во два случаи: Како се промени статусот на Боки 13 за само една година?

Од медиумски магнат за пример и хуманитарец, од вчера првообвинет во два случаи. По „Рекет“, каде со себе ја зеде Катица Јанева, сега и во случајот за „Меѓународниот сојуз“, каде друштво во клупата за обвинети во судот ќе му прави и пратеничката од власта Фросина Ременски. За една година драстично се смени статусот во општеството на Боки 13.

Од често драг гостин и другар со функционерите од власта, со редовни средби со екс премиерот Заев, министри, градоначалници, до човек кој сега велат не го ни познавале. Но пред да стане обвинет власта не срамеше од Јовановски. Заев дури во роденденска честитка за телевизијата, која според Обвинителството, била користена за рекет, порача дека 1ТВ е едно од добрите нешта што се случиле во Македонија.

-Едно од добрите нешта коешто им се случи на нашиот народ и на нашата земја е 1ТВ, со својата новина, шареноликост, разноликост која што зрачи, навистина ги збогатува содржините во сите наши домови. Дури и за нас политичирате знае и добро да мавне, а знае и да го испрезентира тоа што е добро за граѓаните, кажа Заев во роденденската честитка за 1ТВ во март 2019-та.

Невладината која требаше да го претставува Бојан Јовановски како хуманитарец, покрај него обвинение и донесе и на Фросина Ременски. Таа беше само една од многуте лица од власта кои имаа блиски релации со Боки 13. Таа ја доби и титулата почесен претседател во сојузот, а на основачкото собрание ја повика власта на соработка. Сега пак како обвинета вели дека ова биле нарачки за нејзина политичка елиминација, а од чија страна не сакаше да каже.

-Изборот на денешниот ден не е случаен, имајќи во предвид дека политичките амбиции на одредени лица се пресилни, за да земат во предвид било какви ангажмани мои во минатото… Јас не би коментирала повеќе, изјави вчера Ременски.

Статусот на Боки 13 за кратко време се промени, Заев дури испрати и навредливи зборови до човекот со кого претходно имаше неколку средби кои беа овековечени со фотографии.

-Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и да ми прости ЛГБТ заедницата еден педер да ја симнат оваа Влада од власт, не, порача сега веќе екс премиерот Заев.

Откако влезе во судските лавиринти, блискост со Боки 13 демантираше и пратеникот и поранешен генерален секретар на СДСМ, Александар Кирацовски. Иако беа објавени фотографии каде тие заедно седат во кафеана, тој вели бил политичар и луѓето сакале да се фотографираат со него.

-Апсолутно не сме биле блиски. Видете, ние сме политичари, многу луѓе од нас бараат да се фотографираат со нас заедно. Се надевам дека добар дел од нив не го злоупотребуваат тоа. Меѓутоа, апсолутно не сметам дека добар дел од нас кој се сликал со било кого направил некое злодело, изјави Кирацовски во септември минатата година.

Покрај Ременски и Јовановски, во случајот за „Меѓународниот сојуз“ е и таткото и асистентката на Боки 13, Миле Јовановски и Христина Блажевска и потпретседателката на невладината Јасна Мандиќ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста