Короната предизвика милионски загуби за охридските хотелиери
Коронавирусот ги затвори хотелско-угостителските капацитети на охридско-струшкото крајбрежје. Штетите се ненадоместливи бидејќи веќе два месеци не работат. За илустрација, ако се земат во предвид ресторантските услуги и бројот на ноќевања кои се остваруваат вообичано во месеците март и април, вклучувајќи ги и првомајските празници загубите на само еден хотел,се движат помеѓу 4 и 5 милиони евра. Сите резервации се откажани,а хотелиерите веќе не можат да ги подмируваат тековните трошоци. Доколку ваквата ситуација продолжи и во текот на овој и следниот месец јуни, загубите ќе бидат најмалку двојно поголеми. Тоа ќе значи ставање клуч на врата-велат туристичките работници,кои отворено кажуваат дека биле приморани да отпуштат од работа половина од вработените.
„Имаше отпуштање нормално,како фирма не можеме да го издржиме обемот на вработени што го имавме на почетокот.Имавме околу 45 вработени и како фирма не можеме да издржиме да ги плаќаме едноставно луѓето без да имаме никаков прилив на сретства во меѓувреме.Остануваме во ситуација што ако ова продолжи уште месец, два и фирмата да дојде пред банкрот“ – вели Игор Иванов-туристички работник.
Никој не знае колку ќе трае оваа криза, но факт е дека туристичката индустрија последна ќе профункционира,велат од ХОТАМ.Од хотелската асоцијација не откриваат колку хотели на охридско-струшката ривиера се презадолжени,нити за колкава сума станува збор, но експертите туризмолози калкулираат со сума и од 2 милиони евра, што значи дека дел од хотелите се до гуша во долгови.
„Без никакви приходи не може долго да се оди, но мора да бараме начини тоа да го заобиколиме и како тоа ќе почнеме да функционираме. Имате идеа како ќе почнете ? Сега за сега ние уште не знаме колку време ќе бидеме затворени. Секој хотел што е задолжен повеќе од 40-50 % од вредноста на самиот хотел во вакви моменти е критично да опстане“ – вели Крсте Блажески – претседател на ХОТАМ.
Разочараност има и кај еснафот на угостители,кои своите објекти ги затворија на 15-ти март како една од мерките за заштита од ширење на коронавурусот.
„Сметаме дека овие последици ќе бидат подалекусежни отколку некој што предвидуваат.На мнение сме дека можеби и другото лето ,следната сезона, ќе биде нарушена од ова.Се работи за тоа што ние и да почнеме да работиме со некаква си мерка која што ќе предвидува редуцирано работење, тоа ќе биде далеку од оптималното работење и заради тоа сите тие фактори кога ќе ги земеме во предвид, навистина не се баш оптимистчки нашите предвидувања за во иднина“ – Михаил Мишев – еснаф на угостители.
Не влеваат оптимизам нити најавите за евентуално скоро отворање на рестораните и кафулињата бидејќи според посебниот протокол на работа кој ќе го донесе Комисијата за заразни болести,угостителите ќе имаат повеќе зијан отколку ќар.Поради тоа велат,малкумина од угостителите ќе ги отворат своите локали.
Росица Голабоска