Корона вирусот се шири на Балканот

Еден заразен во Грција. Други тројца сомнителни во Косово- Корона вирусот се прошири и на Балканот. Првиот потврден случај кај нашиот јужен сосед е во Солун, станува збор за 38-годишна жена која патувала во регион во северна Италија.

Тројцата сомнителни пак во Косово моментално се хоспитализирани во една од болниците. Еден од нив по потекло е од Кина, а другите две лица допатувале од Италија.

Хрватските власти досега регистрираа две заразени лица, второто е брат близнак на претходниот заболен. Моментално се тестираат уште тројца сомнителни случаи.

И Бугарија е на нозе поради сомнеж за присуство на вирусот кај две лица.

Дел од државите поради брзото ширење на смртоносниот вирус започнаа со строги мерки. Турција ја затвори границата со Иран, додека пак Швајцарија, на војската што се наоѓа на границата со Италија и нареди да не ги напушта касарните.

Во Италија каде бројот на заразени се искачи на 12, расте напнатоста маркетите се празнат, а луѓето се тепаат за залихи.

И покрај откажаните миси ширум Италија папата Франциск продолжи со своите активности, тој последно се помоли за жртвите од вирусот и медицинскиот персонал.

Од четиринаесетте заразени лица со коронавирус во Франција од почетокот на светската здравствената криза, досега едно лице почина, единаесет лица се излекувани, а вчера се регистрирани два нови случаи.

Досега повеќе од 30 земји во светот соопштија дека на нивните територии има потврдени случаи на коронавирус.

Најголемиот број се во Кина, од каде што и почна ова заболување, а голем број заразени имаат и Јапонија, Јужна Кореја, Италија и Иран.

Инаку, добра вест денеска пристигна од Кина – излечен е најмладиот пациент. Станува збор за бебе старо 17 дена, кое корона вирусот го победи без лекови.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста