Граѓаните не можат да проверат дали ќе добијат картички од 3 и 9 илјади денари, kupuvamdomasno.gov.mk отежнато функционира

Листите се готови, но речиси и да не функционира интернет страницата купувамдомашно.гов.мк. Преку неа со внесување на матичен број граѓаните треба да видат дали се на списокот за добивање платежна картичка, која банка ќе им ја издаде и на кој начин. Министерката Ангеловска тврди дека проблемите ќе бидат надминати. За оние што ги нема на списокот , на страницата ќе имало упатства каде да се обратат. Дел од картичките веќе се готови, издавањето ќе почне неделава, но тие ќе можат да се користат од 18 јули до 15 август. Дел од банките ќе ги доставуваат на домашна адреса, но некои ќе мораат да ги подигнат во експозитурите. Министерката Ангеловска не е загрижена дека ова ќе предизвика дополнителен метеж во банките.

Информациите дека 64% од добитниците на картички и ваучери се Албанци и дека на овој начин се врши поткуп на гласови за Ангеловска се неточни. Податоците не биле од официјална државна институција, а на листите имало само луѓе што ги исполнувале условите.

324 илјади граѓани треба да добијат картички. Процесот ќе биде голем товар за банките кои на свој трошок ќе изготват преголем број картички, но и за продавниците кои ќе треба да имаат пос терминали и да обележат посебни места и производи како домашни. Министерката им порача да бидат солидарни и општествено одговорни. Мерката „тежи“ 28 милиони евра.

Инаку Ангеловска изминативе 10 дена бегаше од јавноста. Новинарите останаа разочарани откако таа вчера два пати закажа, па откажа прес конференции. Кога конечно информираше за картичките, увидовме дека интернет страницата отежнато функционира.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста