Европа се затвора за да спречи ескалација по празниците

Европската агенција за лекови (ЕМА) планира на 23 декември да ја одобри вакцината на компанијата „Фајзер“ и „Бионтек“ против Ковид-19 пренесува германскиот весник „ Билд“.

„Билд“,меѓу другото,  пишува дека германската Влада сите административни пречки ќе ги реши за време на празниците и дека вакцинацијата ќе почне по Божиќ.

Во меѓувреме последните податоци на студија спроведена од американски истражувачи,  покажуваат дека речиси секое 4-то лице може да не ја добие вакцината против ковид-19 до 2022 година, затоа што богатите земји резервираа над 50 проценти – дози на вакцини. Со тоа, се наведува во истражувањето,   останатите количини на вакцини ќе треба да се подели меѓу земјите со низок и со среден приход што опфаќаат над 85 проценти од светската популација.  

Заклучно со 15 ноември, земјите со високи приходи порачале скоро 7,5 милијарди дози вакцини од 13 производители, вклучувајќи ги Јапонија, Австралија и Канада, кои заедно обезбедија повеќе од милијарда дози, иако во моментот даваат помалку од еден процент од тековните нови случаи на коронавирус.

Во меѓувреме, регистрирани рекордни над 4,3 милиони нови случаи со ковид-19  на глобално  ниво минатата недела, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Битката со корона вирусот минатата недела, ја загубиле 75 илјади луѓе.  Според СЗО, Америка и Европа го носат товарот на пандемијата, со 85 проценти нови случаи и 86 отсто починати.

За да се спречи ескалација на состојбата, речиси сите европски земји излегоа со апели за одговорно празнување за Божиќ и Нова година, а ги заострија и мерките.

Германија денеска го минува првиот ден од карантинот со заострени мерки кој ќе трае најмалку до 10 јануари, а беше воведен во пресрет на празниците.Затворени се сите продавници, дуќани, театри, а работат само неопходните, односно супермаркетите, аптеките и банките. Се затворија и училиштата, а наставата се префрла онлајн. Баровите и рестораните, исто така, ставија клуч на врата, а работат само оние што вршат достава на храна или служат храна за носење, но се забранува јадење во близина на ресторанот. На Германците им се забранети и големи собири. Дозволено е собирање на најмногу пет лица од две домаќинства. Исклучок ќе биде само периодот за Божиќ, од 24 до 26 декември, но не и за Нова година.

Франција, пак, за време на празниците ќе има полициски час кој ќе трае од 20 до 6 часот во кој граѓаните ќе смеат да ги напуштат домовите само со дозвола. Исклучок од ова правило ќе биде Бадник, додека новогодишната ноќ Французите ќе ја поминат во полициски час. Рестораните и баровите се затворени до 20 јануари.

Мерките ги заостри и Велика Британија. Лондон од денеска е во категоријата на региони со најстроги правила. И таму не работат баровите и рестораните, освен оние што продаваат храна за носење и вршат достава, а затворени се и забавните паркови, театрите, кината..

Речиси идентични рестрикции воведени од вчера и во Холандија.  Нови мерки се очекува да воведе и Италија.  Италијанската влада размислува за рестрикции за божиќната и новогодишната ноќ пренесуваат медиумите.

На три часа пред дочекот на Новата година, Турција ќе влезе во целосен карантин кој ќе трае до утрото на 4 јануари. Пред неколку дена претседателот Реџеп Таип Ердоган соопшти дека во 21 часот на 31 јануари ќе стапи во сила полициски час кој ќе трае до утрото на 4 јануари.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста