Инфлацијата расте, но заштитни мерки нема

Инфлација, односно бран поскапувања има, но мерки за помош и натаму нема. Повисоките цени на храната и енергенсите силно удираат по џебот на граѓаните, а тие тоа на големо го чувствуваат. Речиси во сите маркети по рафтовите има нови повисоки цени на основните прехрамбени продукти, а според актуелната состојба, тој тренд ќе продолжи.

Статистика пак измери дека трошоците за живот во октомври годинава се за 4,1% повисоки од истиот месец лани, а цените на мало пораснале за 6,1%. Храната е поскапена за 4,6%, транспортот за над 18, маслото за 25, а горивата за над 30%.

Иако бизнисмените сметаат дека инфлација од 3,1%, колку што прогнозира Народната банка за годинава, е преоптимистична и нереална, гувернерката смета дека место за паника нема.

  • Во однос на опоравувањето на глобалната економија, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предвидува дека таа оваа година ќе расте со стапка од близу 6%, што е солидна стапка. Ние сме трговски отворена економија и во голема мера домашните случувања зависат од глобалниот контекст…Но, доколку глобалната економија, а посебно нашите најзначајни трговски партнери, се опоравуваат со позабавена динамика од таа што сега ја очекуваат, тоа ќе претставува и ризик за патеката на закрепнување на нашата економија, рече меѓу другото Бежовска.

Гувернерката нагласи дека Народната банка очекува дека инфлацијата ќе остане во умерени рамки, што е во согласност и со очекувањата на Меѓународниот монетарен фонд – веќе следната година инфлацијата би забавила, а потоа би се свела на историскиот просек од околу 2%.

И додека кај нас мака мачиме како да преживееме и никој не мрда ни со прст, соседството ги замрзнува цените да не загрози страндардот на граѓаните, на кои веќе им се зголемени платите. Цените на горивата во Хрватска остануваат замрзнати уште еден месец, потврди премиерот Андреј Пленковиќ. Тој рече дека државата работи во корист на граѓаните.

  • По серијата денови кога анализиравме што да правиме, имавме индикации дека цената на горивото може да се зголеми следниот вторник и решивме да спречиме нов удар врз стандардот на нашите граѓани. Затоа, ние го искористивме она што ни го дозволува Законот за нафтени производи, член 9, да и дозволиме на Владата, исклучително со регулирање на цената што работи пазарот во такви околности, да го направи овој чекор, објасни хрватскиот премиерот.

И соседна Србија го штити стандардот. Во наредните 6 месеци ја замрзна цената на лебот. Високите цени на пченицата на светските берзи, повлече раст на цената на брашното, па неминовно беило поскапување. Но српската Влада одлучи да интервенира од стоковите резерви, се додека не се стабилизра ситуацијата. Сега лебот во Србија се продава за 46 српски динари, односно 23 македонски денари.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста