Ангеловска предлага картички, нејзината фирма нуди производи – „Купувај домашно„ од фирмата на министерката
Сама предлага картички, сама нуди производи и услуги кои можат да се купат со истите. Расте бројот на продукти кои граѓаните можат да ги купат со платежната картичка од компанијата „Grouper.mk“ каде еден од сопствениците е министерката за финансии Нина Ангеловска. Приватната компанија „Grouper.mk“се приклучи кон владината кампања „Купувам домашно“ за која се одвоија 28 милиони евра. „Grouper.mk“ во моментов нуди 355 продукти кои можат да се купат со платежна картичка, која пак им беше доделена на граѓаните преку владиниот проект чиј иницијатор беше токму Ангеловска.
Инаку дел од добитниците се жалат дека се уште не добиле порака за да си ја подигнат платежната картичката од банка. И покрај тоа, многумина сметаат дека кампањата за домашна платежна картичка треба да продолжи и понатаму.
Министерката објави дека досега се издадени над 100.000 домашни платежни картички во вредност од девет милиони евра. Притоа додава дека приговорите на граѓаните се проследени до институциите.
- „Оние граѓани чии приговори ќе бидат прифатени по извршените проверки, ќе бидат додадени на листата со корисници на кои им следи поддршка и соодветно ќе бидат распределени во банките издавачи“, наведува министерката Ангеловска Нина .
По социјалните мрежи веќе кружат граѓански иницијативи за продолжување на домашната платежна картичка за невработените и истата да важи и по законски утврдениот рок, односно до нивното вработување. Иницијаторите сметаат дека со ова корист ќе имаат невработените, но и државата и компаниите, а ќе се намали и иселувањето на квалификувани и висококвалификувани млади луѓе од земјава.
Викторија Миткова