Минималецот во администрацијата – неприфатлив за синдикатите

Административците против кратење на платите во јавниот сектор. Бурните реакции доаѓаат по предлогот на претседателот на СДСМ Зоран Заев, минимална плата за април и мај од 14.500 денари да земат функционерите, судиите, обвинителите, раководителите, пратениците, но и службениците во администрацијата. Од Синдикатот на образование, наука и култура се децидни дека Владата не треба да усвои ваков предлог. Загрижени се бидејќи оваа мерка ќе доведе голем број на службеници со примања под просечната плата на работ на егзистенцијата. Сметаат дека ова ќе биде удар врз работниците со најниски плати во јавниот сектор. Револтот е најголем кај наставниците и професорите кои извршуваат он лајн настава од дома.

„Особено реакциите се жестоки од страна на просветните работници, кои, во интерес на учениците, индиректно и на државата, вложуваат надчовечки напори преку алтернативни форми и методи, во домашни услови, да ја реализираат планираната програма. СОНК е убеден дека постојат и други решенија за надминување на економската криза, решенија кои директно и радикално нема да се манифестираат врз работниците во јавниот сектор. Предлагаме, под итно, да се воспостави социјален дијалог со синдикатите, да се слушнат и нашите размислувања и предлози“ – велат од СОНК.

Од СОНК велат дека вакви радикални мерки нема во ниту една држава во регионот.И синдикатот на култура ја оцени мерката како избрзана. Велат, СДСМ не се консултирала со засегнатите страни, ниту пак направила анализа за да предложи двомесечно кратење на платите. Гневни се бидејќи културните работници имаат потпросечни примања, немаат заштеди, а оваа мерка би ги дотолчила. Ако веќе мора да се интервенира бараат процентуално кратење на палтите зависно од висината на примањата, како и мерката да не важи за самохраните родители, оние со хронични болести, бремените жени и родилки.

„Вработените кои имаат три или повеќе деца да добиваат дополнителна финансиска помош. Освен одложувањето за плаќање на кредити од страна на банките, бараме замрзнување на киријата за станување за оние вработени кои живеат во изнајмени станови. Намалување, одложено плаќање или плаќање на рати на режиските трошоци за време на здравствената криза“ – бараат од Синдикатот на културата.

Предлогот на СДСМ наиде на жестоки реакции од страна на вработените во јавниот сектор кој брои над 120 илјади службеници. И Бранимир Јовановиќ, советникот на поранешниот министер за финансии Тевдовски реагира дека финансискиот товар треба да го понесат сите, но целиот цех не требало да падне на грбот на работниците и посиромашните, туку на оние што се богателе кога стопанството не беше во криза. Наместо кратење на плати, предложи повторно воведување на прогресивниот данок не само кај персоналецот, туку икај данокот на добивка, како и укинување на максималната основица кај придонесите, која ги привилегирала оние со плати над 10.000 евра.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста