Каква помош бара вицепремиерот Николовски од медиумите во борбата против корупцијата?!

Како вицепремиерот Николовски ја замислува помошта од националните медиуми во борбата против корупцијата? Оваа дилема се наметнува по неговиот последен јавен настап. Николовски очекувал поддршка бидејќи како што рече се финансирале од парите на граѓаните.

“Воопшто не ви е точна констатацијата дека има стагнација во државата и нема да се согласам дека има некакво алиби. Јас очекувам максимална поддршка, пред се од најодговорните националните телевизии кои добиваат финансиска поддршка” од граѓаните, рече Николовски во гостувањето во “Топ Тема” на Телевизија Телма.

Дали ова значи дека медиумите треба да премолчуваат за скандалите и поразителните извештаи или пак да бидат уште погласни во критиките? Одговор на овие прашања побаравме од кабинетот на Николовски, но не добивме.

Во меѓувреме последниот извештај на Фридом Хаус, Македонија ја вбројува повторно во делумно слободни земји. Корупцијата и натаму е нотирана како сериозен проблем, а во извештајот се зборува и за новинарите и политичките притисоци.

“Корупцијата и натаму е сериозен проблем, има широко распространета неказнивост на корумпирани влаидни службеници, вклучително и членови на парламентот и судството. Новинарите и натаму се изложени на политички притисок и вознемирување и се уште има пријави за физички напади врз нив”, се вели во извештајот на Фридом Хаус.

Транспаренси Интернешнл пак ја рангираше Македонија на 111 место од 180 држави во светот според индексот на корупција. Според Николовски не пораснала корупцијата туку резултатите биле перцепција на граѓаните.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста