Предвидување, мешање во судската власт или неумесно искажување очекувања за судски пресуди?!

Го прекрши ли премиерот Заев принципот на поделба на власта и не мешање на извршната во судскста власт наспроти ставовите на експертската јавност дека тоа е недозволиво? На што тој ја темели убеденоста за тоа каква порака ќе се испрати со завршницата на предметот “Титаник” за изборни нерегуларности? На прес конференција посветена на борбата против корупцијата Заев изјави дека е убеден дека епилогот на овој судски процес според доказите ќе биде со порака дека никој нема право да ги крши изборните процеси. Заедно со пресудите за други поранешни функционери според него ова покажало дека законот важи за сите.

“На крај е вториот по значење случај според мене, а тоа е “Титаник” заради изборите. Тие се врв на демократијата и пораката и тука ќе се испрати согласно допказите сум убеден. Да не му текне на никој повеќе да ги крши изборните процеси”, изјави Заев.

Неколку дена пред пресудата за Мијалков Заев пред Владата истакна дека треба да се почека и да се види дали тоа ќе се случи. Но како што кажа тоа немало да биде показател за договор. Тој не бил шеф на обвинителство и судство.

“Ќе почекаме во петок дали ќе има пресуда. Сите викаат ќе видиме дали има договор дали ќе го осудат или не. Апсолутно не. тоа само по себе покажува дека Зоран заев ниту е судија ниту е обвинител, ниту е шеф на судство ниту е шеф на обвинителство”, изјави Заев.

Како претскажување се толкуваше и изјавата на министерот за внатрешни работи дека со пресудата ќе бидат расчистени сите дилеми за тоа дали има политички договор.

“Нема никаков договор, но мислам дека со изрекувањето на пресудата во петок, тоа не е работа на владата, тоа е работа на судот, меѓутоа ќе ги расчисти сите можни дилеми”, изјави Спасовски.

Експертската јавност му забележа на премиерот за ставовите искажани на прес-конференцијата по враќањето на Мијалков. Недозволиво е велат познавачите Заев да ги контролира правосудните органи. Тие дури сметаат дека ваквите потези во следниот извештај на европската комисија ќе бидат оценети негативно.

“Тоа што премиерот го направи пред владата беше буквално погазување на принципот на поделба на власта. И навистина жалам што многу малку се обрна внимание на ова. Знаете не може премиер на една држава да каже удривме по најблиските. Државата треба условно да удри согласно владеењето на правото по оној кој е обвинет во рамки на уставот и законите”, изјави за Утрински брифинг на Слободна ТВ Иван Стефановски извршен директор на Евротинк.

Инаку се уште трае истрагата која според владата треба да покаже дали некој му помогнал на Мијалков.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста