Бизнисот бара субвенции за плати и ослободување од придонеси, занаетчиите и таксистите на раб на егзистенција

Владата под итно да ги субвенционира платите и да ги ослободи фирмите од плаќање придонеси. Фирмите велат дека тоа во моментов најмногу би им помогнало да застанат на нозе и да ги исплатат работниците. Бараат втор сет на мерки што е можно побрзо. Во спротивно, алармираат дека многу работници ќе останат на улица. Некои веќе почнале да делат откази. Околу 2 илјади занаетчии во Скопје немаат никакви приходи. Не работат фризерите, козмeтичарите, браварите, слаткарите, столарите, златарите и други занаетчии.

И таксистите се жалат дека никој не се сетил да им помогне. Работата им е речиси целосно запрена. Бројот на повици е намален за 90%. Поради полицискиот час и затворањето на угостителските објекти, хотелите, аеродромите, студентските домови, училиштата, никој не се вози со такси. Работата им е ограничена само на превоз на административците и болните. Велат дека егзистенцијата им е загрозена на околу 1000 таксисти кои редовно плаќаат давачки и диспечери и други вработени во такси компаниите.

Компаниите се незадоволни од првичниот сет мерки на Владата. Велат бескаматните кредити треба да се враќаат, а од 50% придонеси се ослободени само неколку сектори.

Покривање на дел од платите и придонесите за работниците во неколку варијанти предложија неколку политички партии. Сепак, од Владата и покрај тоа што тврдат дека секојдневно разговараат со бизнисмените, засега нема најави кога ќе излезат со втор сет мерки.

На предлогот на СДСМ, 120 илјади административци два месеци да примаат минималец, жестоко реагираа синдикатите. Побараа Владата да не зема од џебот на службениците, туку да издвои пари за да му помогне на стопанството. Министерството за финансии веќе побара да позајми 600 милиони евра од странски банки, ММФ и СБ.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста