Македонија единствена земја во регионот која предлага намалување на платите на административците

Финансиска помош, даночни олеснувања, субвенции, одложувања на обврски по основ на кредити, но не и минимална плата за сите. Земјите од регионот сериозно му помагаат на стопанството, но во ниту една според досега објавените податоци нема мерка од типот на онаа што ја предложи лидерот на СДСМ Зоран Заев каде бара сите вработени во јавната администрација да добијат намалена плата од по 14.500 за април и мај.

– Сите функционери на државно и локално ниво премиер вицепремиер, раководители, судии, обвинители ќе зeмаат минимална плата од 14. 500 денари за април и мај. Истото важи и за јавниот сектор, јавната администрација на државно и локално ниво, ќе зимаат плата од 14. 500 денари за април и мај, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

И покрај ваквиот факт и низата критики од синдикатите, бизнисот, па дури и од владиниот партнер ДУИ, од СДАМ велат дека мерките биле патриотски чин.

– Денес патриотизам е да се зачува секое работно место, да се обезбеди минимален приход за секој граѓанин, рече Костадин Костадинов од СДСМ.

Во меѓу време се огласи и министерот за економија Крешник Бектеши, кој рече дека нема да поддржи никакво намалување на платите на работниците.

– Јас како министер за економија нема да предложам таков предлог како што е претставен од страна на политичката партија која е дел од владата, додаде Бектеши.

И од Алтернатива на Африм Гаши велат дека нема да поддржат мерки кои се штетни за граѓаните. Остра реакција за предлогот стигна и од Алијанса за Албанците.

– Во функција на конкретизирање на мерките, ни епредлагаме приходите до 30.000 денари да останат исти, а тие над 30 илјади денари да се намалат на ниво на минималната плата за април и мај. Тие кои имале посолидна плата, имаат и можност да ги надминат следните 60 дена, велат од Алијанса за Албанците.

– Ние сметаме дека ниту една финансиска мерка во нашата земја не смее да произведува оштетени и незадоволни граѓани . Наспроти големата депресија која ја предизвика пандемијата не треба да ни оди паметот да преземаме и мерки кои на граѓаните ќе им предизвикаат финансиски кратења, што може да предизвика криза во нивната егзистенција, истакнуваат од Алтернатива.

Паралелно, Алфа истражуваше не само за земјите од регионот, па и пошироко, и според досега објавените податоци, ниту една нема кратење на платите во време кога е најпотребно. И додека земјите од регионот предлагаат, но и усвојуваат низа мерки за спас на своите држави, нашата Влада се уште чека на усвојување на истите.

За помош на стопанството и српскиот премиер најави сет економски мерки чија цел е справување со последиците од епидемијата, но во ниту една нема кратење на плати.

– Ние подготвивме многу пари, притоа нема да ги намалуваме пензиите, ниту пак платите, туку овие пари ќе ги насочиме во јакнење на приватниот сектор, изјави Вучиќ, додавјќи дека овој програм ќе биде насочен кон туристичкиот сектор, земјоделството и други сфери.

Рече и дека парична помош ќе добијат само оние фирми, кои нема да отпуштаат работници за време на епидемијата.

На средбата со бугарските бизнисмени, премиерот Бојко Борисов буквално ги срамни со земја. Им рече дека кризата може да ја поминат и да се обезбедат пари за работниците, ако ги продадат скапите јахти и автомобили кои ги поседуваат.

Албанската влада издвојува 370 милиони американски долари што ќе бидат наменети за помош на здравството, бизнисот и семејствата во социјален ризик.

Бугарската, Српската, Албанската Влада излегоа со сет од мерки. Тие вклучуваат одложување на плаќањето на даноци на граѓаните за 60 дена, плаќање на данок на добивка со 30 дена задоцнување, компензација за оние што ќе бидат привремено отпуштени од работа, како и надомест за порастот на цената на струјата.

Во меѓу време, другите држави веќе имаат усвоено првичен сет мерки за помош на бизнисите. На пример, Шпанија, Италија, Данска и Грција го одложија плаќањето на ДДВ од 1 до 6 месеци, зависно од државата. Грција, Британија и Франција го одложија плаќањето на другите даноци и придонеси, додека Кина, Индонезија, Тајланд и други решија да ги поддржат медицината, туризмот, хотелиерството со секторски мерки. Субвенции за компаниите предвиделе досега Германија, Франција и Британија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста