Приватните превозници ќе се вратат на уште поголеми блокади, ако следните денови не им се реши проблемот

Трпението на приватните превозници полека но сигурно го достигнува крајот. Иако тие на повеќе наврати покажаа разбирање, подготвеност за соработка и желба преку дијалог да се решат должничко-доверителските односи со јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје, засега решение нема на повидок.

Без објаснување, на дел од превозниците на сметката им легнаа по 5.000 денари од ЈСП, цифра која не е ни приближна до милионскиот долг, што одново ги зовре страстите. Најавуваат уште поголеми блокади на Скопје од претходните, ако набрзо не им се реши проблемот.

  • „Дојдени сме до таа ситуација што немаме средства, немаме егзистенција, си ги бараме само нашите пари. Да видиме кога ќе ги добиеме. Побаравме прием кај директорот, не известија дека му е пренесена пораката. Директорот не е тука во моменотот. Отиден е на состанок.“ Истакна приватниот превозник Јовица Зафирвоски.

По неодамнешната целосна сообраќајна парализа на главниот град, приватните превозници ги отстранија и последните автобуси од блокадите, со верба и надеж дека премиерот Ковачевски ќе си го исполни ветувањето и во улога на медијатор помеѓу нив и институциите на Градот Скопје, ќе го реши проблемот.

Превозниците сметаат дека доволно чекале. Велат дека Ковачевски под оправдание оти ги чека извештаите од Управата за јавни приходи, се уште не ги има покането. Сметаат дека политичарите само купуваат време и одложуваат поради политички причини кои за нив не се јасни.

Оттаму велат дека сега имаат ново координативно тело кое треба да преговара со надлежните. Неделава поради церемониите за раѓањето на Гоце Делчев, тие оставаат простор институциите да се произјаснат, а од следната недела, не исклучуваат повотрно враќање на автобусите по Скопските крстосници.

  • „Имаме ново координативно тело и сега ние сакаме по различно, со дијалог да биде. Доколку нема најава, тогаш ќе бараме штрајк.“ Вели приватниот превозник Мемеди Асани.

Како и претходно, така и овој пат, молк од ЈСП и градот Скопје. Оттаму не се одважија да ги коментираат најновите активности на приватните превозници.Во меѓувреме, на јавнот градски превоз му фалат десетици автобуси. Безмалку два месеци на линиите не сообраќа приватната флота од 200 автобуси. Досега се објавија два јавни повици, но, никој не се пријави.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста